За две недели, односно на 18 јуни судот ќе ја изрече пресудата за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева, а осуден е Зоран Милески – Кичеец.

Пресудата ќе ја изрече судијката Васка Николовска-Масевска заедно со судечкиот совет.

Јовановски се товари за перење пари и примање награда за противзаконско влијание, додека Јанева се гони за злоупотреба на службената положба и овластување.

На изминатите рочишта, завршни зборови даваше обвинителката Вилма Русковска, потоа обвинетиот Јовановски и неговата одбрана, а денеска Јанева и нејзините адвокати. Судењата за предметот почнаа на почетокот на декември минатата година, а истрагата Обвинителството за гонење организиран криминал ја отвори на 15 јули по пријава од бизнисменот Орце Камчев.

Досега, судот одржa 40 рочишта на кои се сослушуваа сведоци, се презентираа докази, а обвинетите докажуваа дека немаат вина во предметот.

Според обвинението, Јовановски и Милески зеле милион и пол евра од Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот „Империја“, додека Јанева зела 50 илјади евра и гарнитура вредна пет илјади евра.