Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на умрените лица од насилна смрт лани е намален за 3,5 проценти во однос на претходната година и изнесува 438 умрени лица.

Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 1,7 отсто. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2020 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 проценти.

Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 70,5 отсто, самоубиствата со 24 и убиствата со 5,5 проценти.

Во категоријата несреќни случаи на прво место се умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда“, со учество од 43,2 проценти во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.

Кај категоријата самоубиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација со учество од 16,7 проценти во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.

Во категоријата убиства на прво место се случаите кај кои смртта настапила поради обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин со три отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.