Фото: Принт-скрин

Изгоре бараката на јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје која се наоѓаше во близина на трговскиот центар „Буњаковец“. Според неофицијални информации, експлодирало возило паркирано на тротоарот до бараките на „Улици и патишта“, а пожарот ги зафатил и канцелариите на јавното претпријатие.

Пожарот избил ноќеска околу еден часот по полноќ. Засега се непознати причините за тоа како се запалило паркираното возило. Од Противпожарната бригада велат дека акцијата за гаснење на пожарот и натаму трае.

– Пожарот настанал од надворешна страна, кога неофицијално, експлодирало возило. Зафатена е кровната конструкција, која претставуваше голем проблем за да се влезе и интервенира. Делумно опожарено е уште едно возило со скопски таблички, кое било паркирано. Интервенирано е со шест противпожарни возила – вели командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски.

Превентивно, едно противпожарно возило и натаму е на терен. На местото треба да излезе и јавен обвинител, бидејќи возилото се запалило додека било паркирано. Според првичните информации, изгорени се и два автомобила што биле паркирани во близина.