Премиерот Зоран Заев го прекина летниот одмор и го посети беровското село Будинарци кое се справува со пожар. На терен заедно со него беа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

– Беровско Будинарци е уште едно од македонските населени места кои се исправија пред огнот и заедно со пожарникарите, со своите мештани и со солидарната помош се борат за безбедност и за спас на околината. Шумите лесно се палат, а тешко се гасат – порачувам да внимаваме сите, да ја ставиме безбедноста на прво место и да ги спречиме сите ризици кои може да предизвикаат пожар – напиша Заев на неговата официјална фејсбук-страница, каде што беа објавени и фотографии од Будинарци.

Тој се заблагодари за помошта пристигната од странство.

– Во овие денови на регионална солидарност, уште еднаш упатуваме огромна благодарност за помошта која е веќе на теренот, а пристигна од Србија, од Словенија и од Австрија, како и за двата авиони кои пристигнуваат од Романија – наведе премиерот додавајќи дека ситуацијата се следи будно во постојана ангажираност и координација се сите капацитети на државата, со што заедно со граѓаните и со пријателската помош ќе се справиме со оваа опасност.