Протест за време на полицискиот час во Синѓелиќ

Поради непочитување на ограничувањето за движење за време на полицискиот час, синоќа полициски службеници ги уапсиле В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од селото Синѓелиќ и В.В. (30) од улицата Алија Авдовиќ. По лишувањето од слобода на лицата, поголема група граѓани излегле на улицата Алија Авдовиќ, во знак на протест. По кратко задржување, лицата се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишла. Ќе бидат преземени соодветни мерки и против другите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење.

Кај двајца најдена дрога

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Скопје на улицата Есперанто го лишиле од слобода И.Т. (21) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена бела прашкеста материја.
Полицијата од Гази Баба, пак, го уапсила дваесетгодишниот Б.А. од Скопје, затоа што при претрес кај него пронашла марихуана.
По документирање на двата случаи, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Уапсен поради тешка кражба во Велес

Додека траела забраната за движење, полициски службеници од СВР Велес го уапсиле М.А. (23) од Велес, бидејќи бил фатен при вршење тешка кражба од автомобил, паркиран на улицата Димко Најдов во Велес. По извршениот претрес во неговиот дом, биле пронајдени повеќе предмети што потекнуваат од кривични дела кражби, како и алат и предмети со кои се извршени кривичните дела. Лицето е задржано во полициската станица во Велес. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава за сторените кривични дела, како и за непочитување на забраната за движење.

Настрадал во сообраќајка на патот Кичево – Гостивар

На магистралниот пат Кичево – Гостивар, кај место Сатеска, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „опел астра“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.А. (32) од селото Зајас и патничко возило „хонда“, со скопски регистарски ознаки, управувано од В.С. (58) од Скопје. Во незгодата В.С. добил повреди, по што бил пренесен во Медицинскиот центар во Кичево, каде што починал. Извршен бил увид на местото на настанот од јавен обвинител и увидна екипа на полициската станица во Кичево.