Закупувачите тврдат дека цените се стандардни за овој период од годината / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Табла јајца на зелените пазари се продава од 160 до 200 денари, толку чинеше и минатата година пред Велигден. Празникот никако не може да помине без јагнешко месо, а годинава за килограм е потребно да се издвојат 280 денари, за разлика од минатата кога се продаваше по цена од 300 до 350 денари

По навика граѓаните пред велигденските празници итаат и во голем број пазарат на зелените пазари за да се снабдат за празничната трпеза. И покрај тоа што годинава поради пандемијата на коронавирусот семејствата ќе мораат да бидат сами и изолирани, сепак, сакаат да има доволно за достојно одбележување на празникот на Исусовото воскресение. Трите скопски големи пазари Бит-пазар, Зеленото пазарче и Буњаковец се пораздвижени од обичните денови, откако се воведни степенестите забрани за движење и има доволно производи на тезгите.

Еден од главните велигденски обичаи е вапсување јајца во црвена боја, а табла јајца во која има 30 парчиња на зелените пазари деновиве се продава од 160 до 200 денари. Зависно од квалитетот и свежината некои се нудат и поскапо дури и до 220 денари. За споредба, може да се каже дека погореспоменатите цени беа исти и минатата година.

Празникот го одбележува и јагнешко месо на трпезата. Годинава за килограм јагнешко е потребно да се издвојат од 280 денари до 300 денари, за разлика од минатата кога се продаваше по цена од 300 до 350 денари, па дури и повеќе. Пазарџиите тврдат дека цените воопшто не се зголемени, а граѓаните сакајќи да купат што поевтини производи коментираат дека некако вообичаено за велигденските пости и пред празникот цените по правило се зголемуваат.

– Штом ќе почнат велигденските пости цените се креваат. Не може човек да купи ниту домати, ниту краставици, скапи се за овој период од годината и во маркетите и на зелените пазари. За празник треба секој да купи и затоа треба да е малку поевтино, немаат сите високи пензии, па да можат да купат што ќе посакаат – вели пензионерка од населбата Радишани.

На Зеленото пазарче во Скопје во понеделникот не можеше да се најде брокула, многу ценет зеленчук за кој пазарџии тврдат дека има превисока набавна цена и затоа воопшто и не го набавиле, велат дека ќе бил прескап и за граѓаните. Но велат дека цените на сиот друг зеленчук и овошје не се драстично зголемени.

– Не се нешто зголемени цените на зеленчукот или на овошјето, мислам дури дека се стандардни за овој период од годината. Ако зборуваме за наглиот пораст на цената на лимонот претходно, која достигна и до 200 денари, тоа беше цена што ја диктираа доставувачите, кои сакаа да профитираат. Но сега неговата цена се врати некако во нормала и тој чини од 80 до 100 денари за килограм. Младиот компир е 50 денари, стариот се продава за 20 денари. Цените се пристојни, но нема доволно купувачи, вели закупувач на тезга на Зеленото пазарче.

Доматите во овој период на празничните пости на зелените пазари чинат по 80 и 90 денари килограм, а до 150 денари се движи цената на розовиот домат во маркетите и во продавниците за зеленчук и овошје. Благата пиперка се нуди по цена од 120 до 160 во зависност од сортата и квалитетот, додека лутата пиперка сѐ уште се продава на парче и чини 10 денари или три лути пиперки се нудат за 20 денари. Младата зелка, која претставува задолжителна салата во овој период, и марулата се продаваат по цена од 20 до 30 денари. Парче марула може да се купи за 15 до 20 денари, колку што чинеше и минатата година. Морковот веќе подолг период има стандардна цена од 40 денари за килограм, а младиот кромид може да се купи како врзоп од три китки за 20 денари. По оваа цена се продава и главица лук.

Младите тиквички, исто така, се баран производ од купувачите во овој период и сѐ уште не се продаваат на парче, а за еден килограм треба да се издвојат 70 денари. Празничните торти, колачи и баклави не можат да се замислат без ореви, а за да се купи еден килограм се потребни 400 до 600 денари, колку што чинат и лешниците. Овошјето, како и зеленчукот се дел од секојдневната исхрана, но посебен белег ѝ даваат и на празничната трпеза. На тезгите на зелените пазарите портокалот се продава по цена од 30 до 40 денари, додека бананите чинат од 50 до 60 денари за килограм. На пазарите се застапени и првите јагоди, кои се нудат по цена од 160 до 180 денари за килограм. Нив купувачите може да ги купат и во канчиња со мерена грамажа од што зависи и нивната цена.