Фото: Игор Бансколиев

Процените покажуваат дека многу од возачите не користат сигурносен појас. Состојбата е уште понеповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште што користат појас е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 проценти, а на задните седишта од 60 до 70 проценти, информираа надлежните

„СТАВИ ПОЈАС!“ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ

Како возачи што тргнале кон одредена дестинација можеме да го планираме патот, но никогаш не можеме со сигурност да знаеме кога ќе пристигнеме до целта ниту пак на кој начин ќе го направиме тоа. Најмалку што можеме да предвидиме е дали токму нам ќе ни се случи одредена вонредна ситуација во сообраќајот, независно дали станува збор за наше или туѓо невнимание. Тоа може да се рефлектира и на нашите сопатници, а и на сопатниците на сите што управуваат возила и што учествуваат во сообраќајот. Сепак, она што е најважно е да ја обезбедиме сопствената и безбедноста на сите што ги возиме на наша одговорност. Токму затоа, сите експерти од областа на безбедноста во сообраќајот, но и оние експерти од областа на автомобилизмот, велат дека при секое влегување во автомобил, потребно е да се обезбедиме себеси и другите користејќи безбедносен појас.

КАМПАЊА ЗА БЕЗБЕДНО ВОЗЕЊЕ

Како дел од активностите на Министерството за внатрешни работи, минатиот месец МВР, заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, започна кампања за безбедно возење, односно за задолжително користење безбедносен појас.
– Зголемениот број контроли од страна на сообраќајната полиција и континуираните превентивни активности што ги реализираат МВР и РСБСП во изминатиот период даваат резултат. Во 2020 година, на патиштата во Република Северна Македонија 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5.494 лица се повредени. Во согласност со наведеното, во 2020 година најмал број лица настрадале во сообраќајни незгоди во однос на сите претходни години. Во првите два месеца од 2021 година, статистичките податоци, исто така покажуваат тренд на подобрување на безбедноста на патниот сообраќај – истакнаа од МВР.
Оттаму нагласија дека целта на МВР и РСБСП е да продолжи позитивниот тренд на подобрување на безбедноста на патниот сообраќај и во согласност со тоа МВР и РСБСП започнуваат реализација на кампања под мотото „Стави појас“.
Кампањата се реализира веќе дваесетина дена и наиде на огромна поддршка од страна на јавноста. Истата таа опфати голем број превентивно-едукативни активности што се реализираа на територијата на цела држава, потоа интензивни медиумски активности и, секако, засилени сообраќајни контроли за користење појас од страна на возачите и патниците.

– Процените покажуваат дека многу од возачите не користат сигурносен појас. Состојбата е уште понеповолна кога станува збор за сопатници на предното седиште, додека бројот на патници на задното седиште што користат појас е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 проценти, а на задните седишта од 60 до 70 проценти – информираа надлежните.
Оттаму истакнаа дека користењето на сигурносните појаси е законска обврска, како за возачите така и за патниците на предните и на задните седишта.
– Возачите и патниците треба да знаат дека користењето на сигурносниот појас е наменето пред сѐ за нивна лична безбедност и тоа е суштинско за тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Законот предвидува казни за возачите и патниците што не користат појаси, но нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди во кои учесниците не користеле појас. Обврската за користење сигурносен појас е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место. Некористењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето што не користи појас без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или на задното седиште. Кај многу од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас. Затоа апелираме возачите и патниците да ги почитуваат законските обврски и секогаш и секаде, дури и на најкратките патувања, задолжително да стават појас, затоа што така е посигурно и побезбедно – нагласуваат тие.

ЗАШТИТНИОТ ПОЈАС ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД ФАТАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА 50 ПРОЦЕНТИ

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на својата интернет-страница информираат дека сигурносниот појас не влијае на тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода или не, но значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди.
– Истражувањата на релевантни меѓународни организации покажуваат дека 50 проценти од возачите што го загубиле животот во сообраќајна незгода, загинале поради тоа што не користеле појас, односно истражувањата покажуваат дека сигурносниот појас го намалува ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода дури за 50 проценти – наведено е на страницата.
Според законот, обврската за користење сигурносни појаси се однесува на возачот, на сопатниците на предните седишта, но и на сопатниците на задните седишта (на сите седишта во возилото на кои фабрички се вградени сигурносни појаси).
– Обврската за користење сигурносен појас е задолжителна без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место. Некористењето на сигурносниот појас се санкционира со парична казна наменета исклучиво за лицето што не користи појас без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или на задното седиште. Возачот што не користи сигурносен појас ќе биде санкциониран со парична санкција во висина од 40 евра во денарска противвредност. Лицето што се превезува во возило во кое фабрички се вградени сигурносни појаси е должно за време на возењето да го стави сигурносниот појас без разлика дали се превезува на предното или на задното седишта. Санкцијата за непочитување на оваа обврска изнесува 50 евра во денарска противвредност. Обврската за користење сигурносен појас не се однесува на: доставувач на стока во прометот, во местото на испорачувањето и возачи кога со возило се движат со брзина на човечки од, кога се движат наназад и на паркиралишта.

И ДЕЦАТА ТРЕБА ДА КОРИСТАТ СЕДИШТЕ И ПОЈАС

Сосема друго прашање е тоа што низ улиците честопати можеме да забележиме мали деца како необезбедено се возат во автомобилите. Или се седнати на предно седиште или во скут кај родителите што ги управуваат возилата. Сепак, и децата се тие што подлежат на законските обврски, а родителите се тие што треба да ги спроведат обврските. Според законот, деца помали од 12 години не смеат да се возат на предното седиште во возилото.
Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во главата 3 точка 33, во членот 164 е пропишано дека во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува дете помало од 12 години, ниту лице, кое очигледно е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции.
– Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.

Во патнички автомобил на предното седиште смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото тоа е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување. Детето од ставовите два и три и на овој член треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето – вели законот.
Казната изнесува 35 евра во денарска противвредност и во мандатна постапка на возачот, кој постапува спротивно на одредбите од ставовите на овој член, ќе му се издадат, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бодови во согласност со одредбите на овој закон.

[email protected]