Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје достави Обвинителен акт против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – убиство.
– По спроведување на сеопфатна истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека обвинетиот со умисла го лишил од живот сега починатиот Н.Д. од Скопје, на 28 декември 2018 година, на улица „Шарпланинска“ во Скопје, посочија од Обвинителството.
Наведоа дека обвинетото лице, пред да го изврши убиството, од домот на неговиот дедо земало ловечката пушка марка „Црвена застава Крагуевка“ и ја скрило во грмушките на улицата Шарпланинска. Потоа му се јавил на сега починатото лице за да му каже дека на возилото БМВ му се јавил дефект на конкретното место, но дека со себе ги носи неговите 850 евра кои му ги должи. Откако оштетениот пристигнал на договореното место со неговото возило „Фолксваген пасат“, сторителот пришол и седнал на совозачкото седиште. Во разговорот кој го воделе, обвинетиот му рекол на сега починатото лице дека парите кои ги носи се во валута евро и дека треба да ги сменат во менувачница. Но пред да заминат, сторителот излегол од возилото и ја оставил вратата од страна на совозачот отворена. Го замолил оштетениот да го почека, при што отишол до грмушките, го зел оружјето од таму се вратил кај возилото и дирекно испукал еден куршум кон сега починатиот. Вториот смртоносен куршум од оружјето бил испукан во грбот на оштетениот, откако тој направил обид да излезе од возилото.
– Едновремено со поднесување на обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот поради постоење на опасност од криење и бегство, соопштија од Обвинителството.