Обвинителството поднесе обвинителен акт против осумина граѓани, кои по примерот на ИСИС формирале терористичка организација односно ќелија.
Организацијата била формирана во 2019 година, а членовите прибирале оружје. Од обвинителството не откриваат дали и кои им биле целите за напад во земјава.
По проведена сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес до Основниот кривичен суд – Скопје достави обвинителен акт против петмина жители на Куманово и тројца скопјани, се наведува во соопштението.
Според дејствијата опишани во обвинителниот акт, Б.Г.(28), Р.А.(31), С.И.(31), А.С.(21) и Ј.К.(25) сториле кривично дело – терористичка организација, а обвинетиот Б.Ф. (33) сторил едно кривично дело – терористичка организација и едно кривично дело – служба во непријателска војска, Д.А. (21) е обвинет дека сторил кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, исто како и обвинетиот И.М.(23).
– Во периодот од 2019 и 2020 година, на територијата на нашата земја, обвинетите Б.Ф., Б.Г., Р.А., С.И., А.С. и Ј.К., станале припадници на злосторничка организација – терористичка организација ќелија со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, создадена во почетокот на 2019 година од страна на претходно обвинетиот Б.А. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група, секој од нејзините членови имал конкретни задачи, па така обвинетите Б.Ф. и Б.Г. добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., при што му обезбедувале логистичка поддршка и имале задача, заедно со уште тројца претходно обвинети, да обезбедат патничко моторно возило со кое ќе го пренесуваат и објекти во кои ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема, да изработуваат импровизирани експлозивни направи, собирале информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетите Р.А., С.И. и А.С., како припадници на групата учествувале и во активности на собирање и обезбедување на информации од значење за целите на терористичката група и вршеле опсервирање на објекти и локации – посочуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
Обвинетиот Ј.К. пак, вршел собирање, едитирање и титлување на преводи, од арапски на албански јазик, на видеа од боиштата во Сирија и Ирак и од извршените терористички напади во Франција и Шпанија, како и снимки во кои се прикажува начинот на изработка на експлозивни направи, на извршување напад врз лица, на безбедно користење на интернет апликации за комуникација и снимки со обезглавување на жртвите на ааааааааИсламска држава, со што овозможил пристап на поголем број на луѓе до ваквите радикални содржини.
Врз основа на доказите прибавени во истрагата, обвинителството дошло до сознанија дека обвинетиот Б.Ф., како македонски државјанин, во периодот од 4 мај до 2 јуни 2014 година, за време на вооружен судир активно учествувал во активностите на Исламска држава, каде во евиденциите на ИСИС е заведен како борец.
Воедно, обвинителството утврдило дека во текот на 2020 година во Куманово, обвинетиот Д.А. неовластено држел оружје – пиштол марка „застава“ со калибар 7,62 милиметри, што неовластено го продал на претходно обвинетиот В.А., а во истиот период во Табановце, обвинетиот И.М. неовластено држел автоматска пушка со калибар 7,62 милиметри, автоматски пиштол „Шкорпион“ со калибар 7,65 милиметри, кое оружје им е забрането на граѓаните и огнено оружје – марка „застава“ со калибар 7,62 милиметри.
Имајќи ги предвид мотивот за сторувањето на делата, односно создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните, како и тоа дека се уште постојат околности врз основа на кои била определена и продолжувана мерката притвор, а особено фактот дека постои опасност обвинетите доколку останат да се бранат од слобода да ги повторат кривичните дела што им се ставаат на товар, предметниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје доставил посебен предлог.
Во него заради обезбедување на присуство на обвинетите и непречено водење на кривичната постапка, се предлага мерката притвор спрема шестмина обвинети да биде продолжена, додека за двајца обвинети е предложено поблага мерка – куќен притвор.