Фото: Зоран Антоски

Проблемите со кучињата скитници во Кичево никако да се надминат. Така деновиве по напад од кучиња скитници тешко настрадаа жена и 8 годишно-девојче. Нападот врз жената се случил во вечерните часови во непосредна близина на црквата, кога таа се враќала од работа.

Глутницата кучиња се нафрлиле врз жената, при што и нанеле тешки телесни повреди и таа во обид да се спаси од уште потешки последици потрчала и паднала, при падот се здобила и со скршеници на ребрата. Во многу тешка состојба пренесена е на скопските клиники.

Вториот напад се случил вчера околу 17 часот, кога жена пријавила напад од куче скитник врз нејзината 8-годишна ќерка. Од нападот девојчето се здобило со повреда на потколеница, која била санирана во Општата болница во Кичево.

Граѓаните од населба Под Варош каде се случи надот врз жената велат, дека во вечерните часови од бројноста и агресивноста на овие кучиња, не можат дома да си дојдат, а децата од училиште имаат задолжителна придружба од возрасен човек. Сите надежи се полагаат во стационарот кој наскоро ќе биде отворен и каде ќе се згрижат околу 180 кучиња скитници.

З.А.