Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по добиени сознанија околу активностите за изградба на водоснабдителен систем за село Синичане, тетовско, е излезено на лице место на терен, прибавени се податоци и информации и до Основното јавно обвинителство Тетово поднесено е известување за сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
– Потенцираме дека присуството на полициски службеници на местото каде што се почнати работни активности за изградбата на водоснабдителниот систем е во функција на обезбедување на јавниот ред и мир. Наша задача е единствено да бидат преземени сите законски мерки, со цел да се спречи нарушување на јавниот ред и мир на таа локација, за да не дојде до несакани настани со посериозни последици по мирот и безбедноста на граѓаните, и тоа ќе го правиме се додека постои безбедносна проценка дека тоа може да се случи – рече Ангеловски.
Што се однесува до координацијата и соработката со јавното обвинителство, Ангеловски потенцира дека МВР соработува со обвинителството во сите случаи, се разбира и во овој околу истрагата што ја води обвинителството.
– Но, ние како институција што е задолжена за одржување на јавниот ред и мир имаме оперативни сознанија и неколку конкретни пријави од локални жители за опасност од сериозно нарушување на јавниот ред и мир и поради тоа, на тоа место има полициски службеници. Повторувам, со цел да се избегне било какво нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата е сервис на сите граѓани и ние сме должни да постапиме во вакви случаи, а околу тоа дали и каде треба да се гради водовод ние немаме апсолутно никакви ингеренции туку за тоа се надлежни други институции и тие треба да одлучуваат за тоа – рече Ангеловски.