Фото: Фејсбук/Кој е следен

На крстосницата пред Зоолошката градина во Скопје денеска се собраа граѓани на протест за да испратат порака дека безбедноста низ нашите улици е на многу ниско ниво и дека тоа мора да се промени. Тие порачаа дека безбедноста не е прашање на избор, туку неопходност. Протестот го организираше иницијативата „Кој е следен?“ оформена по смртта на 22-годишната девојка од Неготино Фросина Кулакова која беше прегазена од страна на Васил Јованов.

Граѓаните истакнаа дека покрај полициското присуство на улиците и камерите на семафорите, потребни се соодветен јавен превоз што би ги намалил возилата во сообраќајот, подобра сигнализација, како и законски измени што ќе ја подигнат свеста на учесниците во сообраќајот.

-Безбедноста не подрзабира само полиција на улиците, и покрај тоа што моментално тоа е тоа што ни е најпотребно. Исто така, како што не подразбира и само камери на семафорите. Безбедност подразбира меѓу другото и функционален јавен превоз кој директно ја намалува потребата за коли во градовите – истакна Игор Антов од иницијативата „Кој е следен“.

Ива Петровска од „На точак“ нагласи дека проблемите треба да се решаваат, а не да се одложува нивното решавање бидејќи, како што рече, не се губат политички поени, туку животи.

-И што е сменето барем во овие 10 години? Дали коловозните ленти на „Партизанска“ се стеснети? Дали е ставен фокус на младите луѓе како целна група која непрописно вози и според светски истражувања најчесто е виновна за сообраќајните прекршоци и судири со тешки последици? Дали казните се посериозни? Дали е воведен безбеден град, системот за казнување? Или сите работи добро ги знаат оние кои треба да ги спроведат, но поради политичка волја решаваат да ги одложат до некое наредно време? До нечиј туѓ мандат, со цел да не се изгубат политички поени. А во меѓувреме не се губат поени, но се губат животи – рече Петровска.

Според Крсто Минговски, претседател на „Еуромобилност“, немањето на јавен превоз предизвика секоја куќа кај нас да има по два – три автомобили.

-Нормално е тоа детето на 16-17 години да направи глупост со тој автомобил. Едноставно, културата сообраќајната култура во моментот ја нема – рече Минговски.

Фросина Кулакова на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. Според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, возачот Васил Јованов е обвинет дека кривичното дело го сторил со умисла. Согласно оваа квалификација на делото, сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години. Тој се товари дека на 29 јануари, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегазил Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на бул. „Партизански Одреди“. За него и претходно имало кривични пријави.