Фото: Влада

Денешната објава на тетовскиот градоначалник и лидер на БЕСА, Билал Касами, предизвика лавина реакции од јавноста на социјалните мрежи и од партиите.
Откако медиумите објавија дека Касами на Фејсбук напишал „Добродојдовте во Тетово, главниот град на Албанците во Северна Македонија“, први со осуда се јавија партиите. Владејачкиот СДСМ преку соопштение порача дека „Касами е изгубен во просторот“, а тетовскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ го обвини Касами дека со таквите објави „ги дискриминира Македонците“. Осуда имаше и од ЛДП, Десница…

Касами се дообјаснуваше: Напишав центар, а не главен град

Објавата на Касами беше на албански јазик, со автоматски превод на англиски јазик на Фејсбук. Статусот не беше напишан на македонски јазик.

Набргу по реакциите од јавноста, особено на социјалните мрежи, каде Касами го обвинуваат за разгорување на национални тензии тетовскиот градоначалник во изјава за „Макфакс“ посочи дека во објавата на социјалните мрежи не напишал дека Тетово е „главен град“ туку „центар“ на Албанците во Македонија.

– И покрај инсистирањето, без негов став останаа низа прашања, меѓу кои и дали е свесен дека со објавата поттикна меѓуетнички тензии. Тој не кажа ниту дали смета дека истата треба да ја избрише, за да спречи лавина негативни реакции – објави „Макфакс“.

Општина Тетово: Злоупотреба на објавата

Набргу потоа се огласи и Општина Тетово која испрати дополнителен став со кој градоначалникот Касами обвинува за злоупотреба на неговата порака.

-Не се работи за никаков „главен град“, туку за „центар“ на Албанците во Северна Македонија. Во објавата стои многу јасно тоа што сакавме да го кажеме. Тоа е реалноста, а тие што сакаат да ја злоупотребат, се обидуваат да и дадат друга насока – вели Биљал Касами.

Во соопштението од Општина Тетово се појаснува дека градоначалникот Билал Касами одржал средба со градоначалниците на општините во Косово и со градоначалникот на оптина Бујановац (Србија) на која Касами „го истакна фактот дека Тетово како важен туристички и економски центар ги нуди сите можности и изразува подготвеност заедно со општините на Косово и Албанија да аплицираат во ИПА фондовите за реализирањето на проекти“.

„Изгубен во просторот“

„Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани, кои се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и останати, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група. Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови. Очекуваме и неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ да излезе со осуда на ваквите ставови на нивниот градоначалник“, реагираа социјал-демократите од Тетово.

Реагираше и тeтовскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

-Објавата на градоначалникот Касами на неговиот Фејсбук профил оправдано предизвика бура на реакции кај Македонците. Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме. Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница.

„Тетово е главен град на загаден воздух!“

„Ловиш поени во матно не доликува на еден градоначалник во мултиетнички град“ и „Тоа пред огледало да си го кажуваш и пак нема никогаш да биде вистина! Да, главен град на загаден воздух, гнасни улици, 20 метра недовршени асфалти, кучиња, град без паркови, мафија итн. На тоа си ти градоначалник и ништо друго“, се само мал дел од коментарите што му ги оставаа тетовци, но и голем број други корисници на социјалните мрежи.