Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерите на Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ го промовираа денеска заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините што беше инициран од „Отворен Балкан“, на наплатната рампа Прешево – мобилно продажно место.

Овој систем ќе овозможи брзо поминување на патарините во Македонија и Србија, при што граѓаните кои веќе го користат М-таг системот ќе можат со регистрација во конкретниот систем инициран од „Отворен Балкан“ непречено, автоматски да ги поминуваат патарините во соседната држава.

Според премиерот Ковачевски, ова е најдобра потврда дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која, како што рече, дава резултати, функционира и луѓето ја сакаат.

– За само три месеци српски и македонски инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарината. До следен петок ќе биде направено решението за товарен сообраќај – рече тој.

Ковачевски ја истакна важноста на соработката со Србија во однос на размена на производи, услуги и работна сила и посочи дека во иднина ќе се работи токму на тоа.

-Ова е уште една потврда дека иницијативата работи токму на забрзување на протокот на луѓе, стоки и услуги и на капитал. Премиерката кажа дека благодарение на оваа иницијатива трговската размена меѓу 2-те држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија. Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Северна Македонија – рече тој.

Потсети дека бројот на туристи кои во текот на изминатите две години доаѓаа во нашата држава е за 500% поголем од пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан.

-Она што следува е воспоставување на софтверското решение за непречена размена на работници, да може секој да дојде да се регистрира преку единствен софтвер и во Србија и во Северна Македонија и во Албанија без административни процедури кои денес траат по 3 месеци – рече Ковачевски.

Премиерката на Србија, Брнабиќ, истакна дека целта на „Отворен Балкан“ е да се олесни животот на луѓето на овие простори и да се олесне трговијата, со што како што рече, ќе стекнеме повеќе богатство, но и да го подигне стандардот на граѓаните.

Таа наведе дека во моментов ознаката за единствената наплата со Македонија може да се користи само за патнички сообраќај, а од петок ќе биде овозможена и за камионите и за економијата.

– Ова е таква иницијатива која што на најдобар можен начин го олеснува животот, патувањето и протокот на производи – рече таа, осврнувајќи се на досегашната соработка во рамките на Отворен Балкан, за која рече дека навистина дала резултати.

Министер за транспорт и врски на Македонија, Благој Бочварски, истакна дека оваа политика не е пример само за регионот, туку и за останатите европски држави.

– Ќе продолжиме со соработката во насока на дополнителни олеснувања за транспорт на компании и патници кои транзитираат низ двете држави – рече тој.

Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, истакна дека овој проект е дел од политиката на нивната земја, а тоа, како што рече, е да се укинат сите граници.

Весиќ информираше дека за десет дена околу 13.000 граѓани на Србија веќе го инсталирале тагот, а околу 7.000 возила со српски регистарски таблици на дневно ниво ги поминуваат границите со нашата држава.

Проектот беше инициран во рамките на Отворен Балкан, а, како што информираше Марјан Забрчанец, националниот координатор за „Отворен Балкан“, Албанија ќе се приклучи во моментот кога ќе го инсталира системот на своите патарини.

Во Македонија, согласно податоците од ЈПДП од јуни годинава, има околу 20 илјади возила со инсталиран М-таг, додека во Србија повеќе од 500 илјади возила имаат инсталирано М-таг и сите тие ќе бидат во можност, со регистрација на заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините, да можат непречено да поминуваат на наплатните рампи кои што автоматски ќе го регистрираат нивниот таг.

Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ENP уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места. ENP уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисникот ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута Единствениот систем на патарина ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе го намали метежот на автопатите, а новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи.

Предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.

Фото: Маја Јаневска-Илиева