фото: Маја Јаневска-Илиева

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ги прикажуваат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство за изминатата година, денеска напладне се одржа официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.

фото: Маја Јаневска-Илиева

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи.

фото: Маја Јаневска-Илиева

Дефилето почна околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртеа Василичарското оро. Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.

фото: Маја Јаневска-Илиева

По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева