Фото: Маја Јаневска-Илиева

Формирањето собраниска Анкетна комисија за случајот Онкологија во време кога има активна истрага е недозволиво нешто. Тоа е нормално доколку истрагата е затворена, меѓутоа во време на активна истрага тоа е опструкција, смета претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев.

Според Џолев, се контаминира истражниот процес, а нема никаква реакција за тоа.

– Тоа е нормално доколку истрагата е затворена и е поминат поголем временски рок. Во таков случај, да, меѓутоа во време на активна истрага тоа е опструкција. Ја прибавуваат целата документација, сослушуваат, значи го контаминираат истражниот процес и нема никаква реакција за тоа – вели Џолев на денешниот брифинг со медиумите.

Прашањето што, според претседателот на Кривичниот суд, треба да се постави е како е можно да се води паралелно истрага, односно да се сослушуваат истите луѓе што ги сослушува и обвинителство.

– Потоа кога ќе дојдат во суд, одбраната ќе кажува ова веќе не може да се користи како доказ, поради тоа, тоа, тоа… па повреди, па Стразбур и така натака. Многу е комплицирано, иако можеби од страна не изгледа така – појаснува Џолев.