Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2026 година констатира „добар напредок“ во Поглавјето 10 – „Дигитална трансформација и медиуми“, при што го подигнува и нивото на подготвеност на државата, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Андоновски во објава на Фејсбук посочи дека Европската комисија го препознава напредокот во дигитализацијата, кој се движи од оценката „ограничен напредок“ во периодот 2021–2024 година, преку „одреден напредок“ во 2025 година, до „добар напредок“ во актуелниот извештај.
Според министерот, зад подобрената оценка стојат посветена работа, ангажман на тимот и конкретни резултати, меѓу кои повеќе електронски услуги и удвоено нивно користење од граѓаните, подобрена електронска размена на податоци меѓу институциите, зајакната кибербезбедност, како и нови закони и стратегии усогласени со европските стандарди.
Андоновски нагласи дека најважно е реформите да донесат видливи придобивки во секојдневниот живот, преку намалување на времето за чекање и потребната документација, како и побрзи услуги за граѓаните и компаниите.
-Оценката е признание за сработеното и обврска да продолжиме уште посилно. Ја градиме дигитална Македонија – потенцира министерот.


































