Она што можам со сигурност да ви го кажам е дека постапката тече, сѐ уште се собираат докази и податоци и сметаме дека се на прав пат. Се уверивме во посветеноста на двете обвинителки одговорни за случајот и очекуваме позитивен исход од целата истрага. Ова го објави на фејсбук Елизабета Ристовска, една од пациентките вклучени во истрагата на Јавното обвинителство за случајот Онкологија.
– Добар ден драги соборци и соборки и сите засегнати од случајот Онкологија. Денес за прв пат јас и Катерина Милошева бевме повикани од страна на ОЈО и сме запознаени со предистражната постапка. Ви ветувам дека таму ќе бидеме достојни претставници кои ќе учествуваат активно во целиот процес. Во име на Јавните обвинителки ве замолувам сите кои имате некакви неправилности во лечењето, недобивањето потпис за одреден лек, терапија или сте се соочиле со каков било проблем, кој е поткрепен со факти да ги исконтактирате ОЈО или испратете ми име, презиме и матичен број за да биде покрената истрага и ќе помогне во целокупниот случај – стои во нејзината објава на фејсбук.
Дополнува дека мирниот собир секој ден во 19 часот пред ОЈО продолжува.
Средбата следува откако Обвинителството информираше дека неформална група пациенти од Клиниката за онкологија доставила список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката.
Наводите за злоупотреба на терапијата за рак на Клиниката за онкологија предизвика низа реакции од сите страни. Надлежните уверуваат дека се прибираат докази и се истражуваат наводите за сторени кривични дела, а граѓаните и пациентите организираат протести барајќи одговорност.