Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски, денеска информираше дека добил сознанија за злоупотреби на системот за социјална заштита со кои, според првичните информации, на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија иако не ги исполнувале условите.
– Во Министерството за труд и социјална политика сум веќе 50 дена и за овој краток период добив сознанија кои ни малку не се пријатни, а уште помалку влегуваат во рамката на законско постапување и совесно вршење на работните задачи и обврските. Досега ни се познати 2.252 исплаќања на сметките на корисници кои по сила на законот не треба да ја примаат истата. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика – рече Велковски на прес-конференција.
Според сознанијата, како што рече тој, манипулацијата е системска а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.
– Инспекциските служби од Министерството веќе од денес започнаа вонредни инспекциски надзори се со цел да се открие кој навистина стои зад овој криминал од милионски размери. За појаснување на ситуацијата за јавноста, се работи за над 2.200 корисници кои примале гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на МВР тие се сопственици такво превозно средство. При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, меѓутоа необјасниво е како службите не постапувале по однос на истото со што се продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на министерството – рече Велковски.
Еден од условите за остварување на правата, појасни, е да се провери материјалната, социјалната и имотната состојба на корисникот, а тоа е да не поседува возило, како и приходи остварени по други основи.
– Мојата цел како министер за труд и социјална политика е да обзнанам пред целата македонска јавност што се случувало во ресорот кој денес го водам и да не дозволам да се случува вакво изигрување на системот. Претпоставувам дека ова уште еднаш покажува дека системот на социјална заштита бил злоупотребен за одредени цели и интереси. Како што најавив веќе, инспекциските служби на министерството веќе постапуваат. По добивање на извештаите од инспекцијата, каде што ќе бидат констатирани состојбите кои ги истакнавме и претходно, ќе се обратиме до сите надлежни институции за лоцирање на одговорноста како и преземање на сите потребни мерки за ваквата настаната ситуација – изјави Велковски.
Тоа се, подвлече, сите информации кои во моментов може да ги сподели за да не се наштети на понатамошната постапка.
Техничкиот министер ја претстави, како што рече, состојбата на евидентирани прекршувања досега по општини, а најголем број се во Куманово – 235, Прилеп 229, Битола 166, Гостивар 164, Кисела Вода 155, Чаир 151, Тетово 150, Шуто Оризари 121, Велес 98, Гази Баба 79, Струмица 70, Штип 59…