Фото: Собрание

Талат Џафери попладнево поднесе оставка на функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

– Ве известувам, дека согласно член 115 од Деловникот за работа на Собртанието, поднесувам оставка на функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија – се вели во собраниското соопштение.

Џафери истакна дека не само што очекува да имаме фер, демократски и успешен изборен процес, туку, како што вели, имаме обврска да обезбедиме такви избори.

– Па, јас не дека очекувам да имаме такви. Ние имаме обврска да обезбедиме такви избори. И тоа е предизвик сам по себе, и прво лично за мене како носител на таа функција, а имајќи предвид искуственото комуницирање со претставниците кои ќе бидат дел од таа влада, сметам дека на сите ни е јасно дека сме должни тоа да го обезбедиме за граѓаните. И јас сум убеден дека тоа ќе го обезбедиме и ќе имаме консензус меѓу сите учесници во тој процес, тоа соодветно да го обезбедиме – рече Џафери во интервју за Собранискиот канал.

Од Собранието информираат дека Џафери го овластил потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, да претседава со пленарната седница закажана за утре.

Претходно, и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска во законски предвидениот рок, ја депонираше оставката во Собранието и притоа имаше средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Со поднесената оставка на премиерот Ковачевски, почнуваат процесите за формирање на техничка влада, која ќе создаде услови за одржување на фер и демократски претседателски и парламентарни избори.