Фотографија од втората итна седница на ЦУК поради пожарот во фабриката во Тетово (Фото: ЦУК)

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево се одржала втора итна седница на Групата за процена на состојбата од ширењето на активниот пожар во фабриката „Македонија табак“ во Тетово, соопшти ЦУК на својата официјална Фејсбук страница.

„Групата за процена ја разгледа состојбата и процени дека нема опасност од ширење на пожарот во Тетово и заклучи дека не се исполнети условите за прогласување на кризна состојба на дел од територијата на државата на подрачјето на општина Тетово“, се наведува во соопштението по одржаната итна седница во ЦУК, на која што претседавал директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој е и раководител на Групата.

Тетовската фабрика уште гори, надвор задолжително со маска Н95

Од ЦУК попладнево информираа и дека пожарот на фабриката во Тетово е ставен под целосна контрола, делумно е изгаснат и се работи на негово целосно гасење.

Пожарот избувна денеска претпладне и брзо ги зафати речиси сите објекти во кругот на овој поранешен индустриски комбинат. Интервенираа и противпожани единици и хеликоптер од ЦУК, а поради густиот чад од пожарот квалитетот на воздухот е значително влошен, па од Општина Тетово и СВР Тетово апелираа до граѓаните да не излегуваат без потреба од своите домови.