Кон зградата се фрлаат јајца и камења, додека неколку стотици луѓе скандираат „Бугари, Татари и фашисти“ пред зградата каде во Охрид свечено треба да биде отворен бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, јави репортерот на БГНЕС присутен на протестот.
– Некои од демонстрантите носат плакати со натписи против Бугарија и апели против Европската Унија, која ги поддржа „фашистичките барања на Бугарија“ – наведува новинарот на БГНЕС.
Тој додава дека протестот кон кој се придружила Левица на Димитар Апасиев е поддржан од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. БГНЕС вели и дека Мицкоски и Апасиев биле главни организатори на протестите против францускиот предлог од летоска, односно „против Бугарија и против целата ЕУ и особено против Франција“.
БГНЕС ја истакнува и најавата на Антонио Милошоски за поднесовање предлог-закон со кој се забранува формирање и регистрација на здруженија кои имаат директна врска со Третиот Рајх и со фашистичкиот режим. А потсетува и на свирежите за бугарската химна на неодамнешниот натпревар од Лигата на нациите помеѓу Македонија и Бугарија во Скопје.