Бугарија да го предаде Симеон Михаилов, кого Македонија го бара со меѓународна потерница за извршување на затворска казна од 12,5 години, по пресудата што му беше изречена во случајот „Детонатор“, побара денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Реакцијата на македонскиот премиер следува откако Михаилов завчера напладне се појави во вести во живо на дел од бугарските медиуми, за време на неговиот протест пред зградата на македонската амбасада во Софија, со што се потврди дека тој се наоѓа во Бугарија.
-Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството. Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачааат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата – рече Мицкоски.
И ќерката на Михаилов, Ива, бара да замине во Бугарија за, како што вели, да се лекува, но има судска забрана, бидејќи во Кочани се води судски процес во кој е обвинета за предизвикување сообраќајка со смртни последици, пренесе МИА.































