Едниот од двата товарни брода кои денеска наутро се судрија во Мраморното Море кај Истанбул потона, а сите 10 членови на екипажот се сметаат за исчезнати, изјави турскиот министер за транспорт, пренесоа светските новински агенции.
– Веруваме, а тоа помалку или повеќе и го потврдивме, дека „Тугберк Имамоглу“ потона – изјави министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу во Истанбул.
Сите 10 членови на екипажот на бродот се турски државјани, рече Уралоглу. Досегашните обиди да се контактираат преку мобилен телефон беа неуспешни.
– Досега никој не е пронајден жив – додаде тој.
Бродовите „Алсу“ и „Тугберк Имамоглу“ се судрија околу 3 часот наутро, на приближно 18 наутички милји од истанбулската населба Силиври, соопшти кабинетот на гувернерот на мрежата X.
Причината за судирот засега не е позната, пренесоа новинските агенции.
Уралоглу изјави дека остатоците и другите траги укажуваат на тоа дека „Тугберк Имамоглу“ потонал во води со длабочина од околу 900 метри.
Потрагата и спасувањето продолжуваат од воздух и од море, рече тој.
„Алсу“ пловел од Коџаели во северозападна Турција кон западното пристаниште Алиага. „Тугберк Имамоглу“ испловил од Искендерун на југот на Турција и пловел кон Црното Море.
Мраморното Море е дел од еден од најпрометните поморски коридори во светот, кој преку протоците Босфор и Дарданели ги поврзува Средоземното и Црното Море.































