Фото: Пиксабеј / Илустрација
  • Владата се определи за интегриран модел во кој операторот на пазарот на електрична енергија ќе ги преземе и надлежностите поврзани со организирањето на пазарот на природен гас

Владата донесе одлука за воспоставување оператор на пазарот на природен гас, при што функцијата ќе му биде доверена на МЕМО ДООЕЛ Скопје, актуелниот оператор на пазарот на електрична енергија во земјава. Одлуката следува по разгледувањето на Информацијата за потребата од формирање оператор на пазарот на природен гас и усвојувањето на заклучоци со кои се предвидува почеток на постапката за негово функционално воспоставување.
Според Министерството за енергетика, определувањето на МЕМО како оператор претставува избор на интегриран модел, односно субјектот кој го организира пазарот на електрична енергија да добие дополнителни надлежности и за пазарот на природен гас.
МЕМО во наредната фаза треба да изработи сеопфатен план за воспоставување на новата функција. Планот треба да ги опфати организациските, техничките, информатичките, законските и финансиските аспекти неопходни за функционирање на пазарот на гас.
Правната основа за организирање и управување со пазарот на природен гас како регулирана енергетска дејност од јавен интерес постои од 2018 година, кога беа донесени соодветните измени во енергетската регулатива. Со развојот на гасната инфраструктура и зголемувањето на прекуграничните можности за снабдување се наметна потребата од воспоставување функционален и организиран пазар.
При определувањето на моделот биле разгледувани искуствата на повеќе европски и регионални пазари. Министерството посочува дека биле анализирани различни решенија, од целосно либерализирани системи, како оние во Австрија и Унгарија, до хибридни модели применети во Грција, Хрватска, Бугарија и Романија.
Како аргумент за изборот на интегриран модел, Владата и Министерството ја наведуваат постојната инфраструктура и искуството на МЕМО во управувањето со енергетски пазари. Компанијата веќе располага со ИТ-платформа, систем за пазарно порамнување и институционално искуство во организирањето на пазарот на електрична енергија.
Од Министерството проценуваат дека формирањето целосно нов субјект би значело подолг период за воспоставување, како и дополнителни административни и оперативни трошоци. Оттука, користењето на постојните капацитети на МЕМО се оценува како побрзо и поекономично решение.
Одлуката доаѓа во период кога Македонија работи на проширување на гасната инфраструктура и изградба на интерконектори со соседните земји. Новите интерконекции треба да овозможат пристап до дополнителни извори на природен гас, вклучително и преку LNG-терминали, како и поголеми можности за прекугранична трговија.
Функционален пазарен оператор е предуслов овие инфраструктурни можности да бидат преточени во поразвиен пазарен систем. Неговите функции би требало да вклучуваат организирање на пазарните механизми, поддршка на транспарентно формирање на цените и воспоставување механизми за балансирање меѓу учесниците.
Во Министерството за енергетика сметаат дека интегрираниот модел е усогласен со европските практики карактеристични за пазарите во транзиција и претставува чекор кон поголема поврзаност со регионалните пазари.
За државата, воспоставувањето на оператор на пазарот на природен гас има и пошироко регулаторно значење, бидејќи е поврзано со обврските што произлегуваат од европската регулатива и од процесот на интеграција на енергетскиот пазар во рамките на енергетската заедница.
Со преземањето на новата функција, МЕМО практично би се трансформирал во комбиниран оператор на пазарите на електрична енергија и природен гас.
Успешноста на овој модел ќе зависи и од начинот на кој ќе бидат поставени новите надлежности, регулаторната рамка, техничките механизми и од условите под кои во иднина ќе се одвива трговијата со природен гас.