Фото: Влада
Вицепремиерот Фатмир Битиќи кој беше дел од „Делфи“ форумот, денеска се обрати на панелот „Југоисточна Европа – Западен Балкан: Стабилност или фрикција“, заедно со посебниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, Курт Вокер, специјалниот претставник на САД и Марко Чадеж.

Вицепремиерот Битиќи се осврна на договорот од Преспа, посочувајќи дека тој покажа начин на решавање на конфликти или несогласувања, кој треба да биде пример.

– За нашите две земји договорот веќе носи напредок, веќе започнавме со реализирање на интерконекторот за гас помеѓу Македонија и Грција, како и терминалот и гасната централа во Александруполи. Ова се значајни проекти кои значат, прво диверзификација на пазарот со енергенси за нашата земја. Тоа во моментов сите гледаме и сфаќаме дека е неопходно, ако гледаме што се случува со енергетскиот пазар во Европа, а е предизвикано од воената агресија на Русија врз Украина – рече вицепремиерот Битиќи.

На прашањето за регионот и справувањето со ковид кризата, вицепремиерот Битиќи посочи:

– Борбата со ковид забрза некои процеси кои ни беа неопходни и кои можеби требаше да ги започнеме порано, но тоа сега не е важно. Она што сите го гледаме во моментов е регион кој соработува. За жал, сѐ уште на Западен Балкан мешаме политика во економија и на тоа треба да работиме, за да ги разграничиме двете. Место да се попречува, политиката или политиките кои ги водиме треба да ја унапредуваат економијата. Јас сакам секогаш кога мислам и зборувам за ковид кризата да ја нарекувам предизвик, а не проблем, бидејќи проблемите бараат конфликт, а предизвикот соработка и помагање, што ние го направивме, затоа и успеавме да пребродиме и да се избориме со предизвиците, заедно – посочи Битиќи

На последното прашање, како ја гледате иднината на регионот, вицепремиерот Битиќи одговори:

– Целосно интегрирани во Европската Унија, со цврсти синџири на набавки кои не се зависни од далечните источни пазари, со силни економии кои носат добар живот за нашите граѓани. Нашите земји посветено работат за да ги постигнат европските стандарди, но време е да се тргнат пречките на нашиот европски пат, подготвени сме – додаде тој.