Дел од барањата за поскапувања на водата за пиење за првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски се неосновани. Тој вели дека во РКЕ стасале пресметки, меѓу кои и оние од охридски Водовод, со кои се бара и 70 отсто зголемување на цената на водата. За Бислимоски ова е неприфатливо и отвара сомнеж дека барањата за повисоки сметки за вода имаат друга цел. Уште еднаш ги потсети овие претпријатија дека во работењето користат субвенционирана струја.
– Како да ви кажам. Кога ќе поднесе некој барање цената да порасне 70 проценти нема тука реално. Пред да го поднесеш барањето треба да мислиш. И што треба сега ние да направиме во Охрид ќе ја зголемиме цената на водата 70 отсто, за да можат јавните комунални претпријатија во целата држава да бидат фабрики за вработување? И до кај ќе тераме? И на крај ќе немаме вода? – вели Бислимоски.
Регулаторна неделава ќе одлучува за барањата на општините за новите тарифи на вода. Треба да се одреди и онаа за скопјани. Минатата недела од „Водовод и канализација“ демантираа дека побарале повисока цена за водата.
– Ние не сме тука да се натегаме со водовод дали поднеле или не поднеле барање. Ние донесовме одлука согласно нивното барање, но имајќи предвид дека нивната струја е субвенционирана од државата и ќе продолжи, и таа одлука што ја донесовме ќе претрпи корекција, и минималната ќе значи намалување, а максималната ќе биде каква што е. Јас верувам дека ова ќе биде поука за јавните претпријатија кога ќе поднесат барање, треба да останата до тоа барање, а не да политизираат. Ние не се скривме зад одлуката. Седум денари зголемување не е трошок нема потреба од популизам – вели Бислимоски.
Откако РКЕ ќе ги достави предлог одлуките, управните одбори на јавните претпријатија треба новите цени да ги достават до Советите на општините каде треба да се донесе конечна одлука.