Ѓурѓа Рушкова/Фото: Приватна архива - Фејсбук

Велешанката Ѓурѓа Рушкова и нејзиниот син завчера беа евакуирани од Израел со лет до Атина. Тие беа дел од групата 50 верници од различни држави кои беа на аџилак во светата земја. Таа за МИА со наплив на емоции ја раскажува голготата низ која поминале со нејзиниот син за да се вратат дома, откако се случи конфликтот на Блискиот Исток.

Рушкова за МИА раскажува дека биле во неверување дека всушност се случува вистинска војна, и дека ништо не наговестувало дека ќе се случи такво нешто.

– Кога првпат пукна ние се наоѓавме во хотел во Витлеем, тоа е во палестинскиот дел. Појадувавме, сите бевме во ресторанот и наеднаш се слушнаа бомби. Ние бевме група од 50 верници на аџилак, кои требаше да бидеме 11 дена во Израел, да ги посетиме светите места во Израел. И кога на појадок слушнавме две гранати, бомби, се чудевме што не снајде ги прашуваме келнерите околу нас, и тие ни рекоа дека се е во ред и да не се грижиме, меѓутоа нешто навистина се случуваше – вели таа.

Потоа се информирале на рецепција што се случува и им кажале дека има некаков напад. Вели дека кога се случило бомбардирањето, останале два дена во Витлеем, биле информирани дека има војна, но советувани да не се плашат и оти за кратко ќе можат да го продолжат патувањето.

– Во меѓувреме сфативме дека не е така само кратко, туку дека нешто ќе биде посериозно, и ни беше кажано да ги контактираме нашите матични земји. Сите ние тоа го направивме, и бевме советувани да го напуштиме Витлеем, всушност, да го напуштиме хотелот каде што бевме сместени во палестинскиот дел – вели таа.

Додава дека откако почнало бомбардирањето, бензиските пумпи се затвориле, а сопствениците на хотелот им кажале да очекуваат дека во секој момент може да снемаат и вода и струја.

Раскажува дека по два дена успеале да го напуштат Витлеем со помош на нивниот возач на автобусот, кој издејствувал да ја отворат границата и тие да излезат од палестинскиот дел, по што биле сместени во друг хотел во стариот дел на Ерусалим, од каде очекувале дека ќе го продолжат нивното патување.

– Меѓутоа од таму стана уште посериозно, значи само што влеговме се чекиравме во новиот хотел се качивме горе на покривот имаше ресторан седнавме, и кога наеднаш сирените почнаа свират за да се евакуираме, да одиме долу, затоа што се очекува некој напад. Откако дојдовме во Ерусалим, тоа беше секојдневие. Ќе слушнеш сирени и мораш веднаш да одиш во лобито, тоа беше голем хотел од седум ката, преполн со луѓе и сите се стискавме во една просторија, раскажува Рушкова видно потресена.

Од таму, продолжува таа во разговорот за МИА, почна драмата – пукање, слушавме постојано авиони над хотелот. Додава дека биле во контакт со израелската полиција, бидејќи не знаеле што се случува.

Во меѓувреме, додава, откако се регистрирав со македонската амбасада во Тел Авив, значи ги контактиравме, кажавме дека сме македонски државјани, во кој хотел бевме сместени, и ги замоливме доколку има опција да се евакуираат луѓе, дека ние сме во тој и тој хотел.

– Тие ни кажаа дека соработуваат со нашите македонски органи понатаму како треба да се одвиваат работите, ќе не контактираат ако има некои информации. Тоа беше после вториот ден откако се започна. Кога веќе не се издржуваше, значи тоа беше таква агонија, нонстоп притисок, нонстоп бегање доле, криење во лобито, постојано слушавме пукање седејќи во соба. Бевме луѓе од повеќе националности – од Хрватска, од Србија, од Канада, од Белгија, Исланд, од секаде не имаше – додава таа.

Бидејќи повеќе не можеле да ја издржат неизвесноста во која се наоѓале, и на сопствена одговорност решиле заедно со уште пет жени да го напуштат хотелот и со такси се упатиле кон аеродромот во Тел Авив. Пред да го напуштам хотелот, од Ерусалим, продолжува, јас се јавив во амбасадата, во Тел Авив, разговарав со нив дека ако се појави опција за евакуација, затоа што немаше шанса да се купат авионски карти. Таа изразува огромна благодарност за македонската Амбасада во Тел Авив од каде што им се јавиле додека чекале во редот за било каква опција за лет.

– Во Атина нѐ пречекаа од амбасадата и не однесоа на автобуска станица. Не качија во автобус до Солун. Од тука, кога стигнавме во Солун нѐ пречека конзулот од нашата земја, тој не зема со неговиот автомобил и не донесе до граница. Ја поминавме границата и од граница нѐ пречека лице од МНР, тој не презема и не донесоа во Македонија. Нас нѐ оставија во Велес, останатите за Скопје. Морам потенцирам и јавно да се заблагодарам прво на македонската Амбасада во Тел Авив, за нивната макотрпна работа, помош и информација што ја пружија за нас. Голема благодарност и до нашата амбасада во Грција. Ние бевме давеници кои чекавме сламка за спас – раскажува Рушкова во солзи.

Во текот денов, пак, се очекува да биде организиран бесплатен авионски превоз за граѓаните кои побарале помош и евакуација од Израел. Во услови на целосно откажани летови и блокиран авио транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош, соопшти вчера Владата посочувајќи дека трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.