Фото: Архива

Во една поширока анкета со граѓаните како корисници на банкарските услуги се почувствува доза незадоволство, а во низа наврати и негодувања за провизиите што им се наплаќаат на граѓаните за банкарските услуги на депонентните банки на граѓаните. Анкетираните граѓани дури поставуваат и повеќе прашања што им се јавуваат како недоумица: дали некои услуги што се наплаќаат од страна на банките треба да се укинат, дали да се забрани наплатата на дел од трошоците кон банките, дали треба да се заштитат граѓаните со регулирање на банкарските провизии и други давачки и во секоја банка да бидат исти… Тоа се и некои од прашањата што по нашата анкета им ги поставивме и на нашите соговорници, кои се упатени во проблематиката на банкарскиот сектор

Граѓански погледи кон банкарските услуги во земјава: За алатката „Споредба на податоците помеѓу давателите на платежни услуги“ лансирана од Народната банка

Народната банка им овозможи на граѓаните да имаат увид во цените што ги пресметуваат сите банки за своите услуги. Алатката „Споредба на податоците помеѓу давателите на платежни услуги“ ги содржи видот и висината на надоместоците што ги пресметуваат и наплаќаат за секоја од услугите што се определени како најрепрезентативни за потрошувачите.
Граѓаните веќе не мора да ги отвораат веб-страниците на банките одделно за да ги споредат надоместоците. Тоа од неодамна можат да го направат преку веб-страницата на Народната банка и алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“.
Некои банки се без надоместок за плаќање на некои услуги, додека други наплаќаат, некои пак имаат минимални провизии во споредба со други банки, кои им наплаќаат високи суми на граѓаните.
Банкарските листи се долги: одржување трансакциски сметки, користење е-банкарство, аплицирање за кредит…, но може да се забележи разноликост и во пристапот за тоа кои услуги во некои банки не се наплаќаат, а во некои се наплаќаат, како и во висината на износите.

Деловните банки не се во позиција да ги утврдуваат трошоците произволно?

Во една поширока анкета со граѓаните како корисници на банкарските услуги се почувствува доза незадоволство, а во низа наврати и негодувања за провизиите што им се наплаќаат на граѓаните за банкарските услуги на депонентните банки на граѓаните. Анкетираните граѓани дури поставуваат и повеќе прашања што им се јавуваат како недоумица: дали некои услуги што се плаќаат од страна на банките треба да се укинат, дали да се забрани наплатата на дел од трошоците кон банките, дали треба да се заштитат граѓаните со регулирање на банкарските провизии и други давачки и во секоја банка да бидат исти… Тоа се и некои од прашањата што по нашата анкета им ги поставивме и на нашите соговорници, кои се упатени во проблематиката на банкарскиот сектор.
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека има иницијатива на некои пратеници за забрана на дел од банкарските трошоци и провизии и во однос на тоа истакнува дека овој дел од банкарското работење е целосно во надлежност на Народната банка, која со своите регулативи ги насочува деловните банки да бидат целосно транспарентни при декларирањето на севкупните трошоци за своите клиенти, како и при контрола на банките во однос на почитување на регулативите и утврдување на разумно ниво на надоместоците.
– Во однос на лимитирањето или изедначувањето на тие трошоци, јас лично не сум за таков вид административна мерка, конкуренцијата е здрава работа и истата таа ќе влијае на пазарно утврдување на тие износи. Треба да се истакне дека деловните банки не се во позиција трошоците да ги утврдуваат произволно, поради правото на клиентите да им се обратат на дирекциите за усогласување на банката со прописите, како и на НБРСМ, кои се должни да реагираат на евентуалните поплаки и жалби на клиентите – објаснува Ивановски.

Народната банка на Македонија со своите регулативи ги насочува
деловните банки да бидат целосно транспарентни

Од Народната банка за „Нова Македонија“ велат дека намалувањето на висината и на разликите во надоместоците, најмалку за најчесто користените платежни услуги, како и заштитата на потрошувачите, се едни од поважните цели на новата правна рамка во оваа сфера, која е значајно усогласена со ЕУ-регулативите.
– За обезбедување на основните платежни услуги на граѓаните се наметнати директни законски ограничувања и обврски за давателите, додека за пазарна корекција на надоместоците се обезбедија законски услови за влез на други небанкарски даватели на платежни услуги на пазарот и се наметнаа обврски за поголема транспарентност на давателите. За платежната сметка со основни функции месечниот надоместок не смее да биде повисок од 0,1 отсто од просекот на просечната исплатена месечна нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, кој во согласност со последните податоци изнесува 34 денари – потенцираат од Народната банка.
Оттаму истакнуваат дека надоместокот вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, плаќања преку интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина на шалтерите во банката или штедилницата, или преку банкомат. Неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог и со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки кај истата банка или штедилница.
– Правната рамка ги обврзува давателите да не наплатуваат надоместок за затворање на платежната сметка доколку корисникот ја користел подолго од шест месеци. Во месецот во кој се затвора платежната сметка, давателот на платежни услуги не смее да наплати целосен износ на месечно одржување на платежната сметка, односно смее да наплати надоместок што е пропорционален на бројот на изминати денови во месецот до датумот на затворање на платежната сметка – посочуваат од централната банка.
Исто така, тие велат дека давателите на платежни услуги не смеат да наплаќаат надоместоци на неактивните сметки на граѓаните, а се должни да продолжат да пресметуваат камата на позитивното салдо, во согласност со договорните услови. Платежната, односно депозитната сметка, се смета за неактивна ако во последните две, односно 10 години, не е користена од сопственикот, при што давателот на платежни услуги не успеал да воспостави контакт и не добил известување од граѓанинот дека ќе продолжи да ја користи.
– За заштита на корисниците на услугите и поголема транспарентност, давателите на платежните услуги, исто така, се обврзани да ги информираат клиентите за висината на надоместоците при потпишување на рамковниот договор, како и да обезбедуваат редовни извештаи за наплатените надоместоци. Исто така, алатката на Народната банка што овозможува споредба на надоместоците на 11-те најрепрезентативни платежни услуги се очекува да придонесе кон зголемена конкуренција помеѓу давателите на услугите – потенцираат од Народна банка.
Зголемувањето на конкуренцијата помеѓу банките, укажуваат надлежните од централната банка, во иднина ќе влијае и на висината на надоместоците што ги наплаќаат во насока на нивно намалување.
– Понатаму, покрај банките, пазарот на платежни услуги со новата законска регулатива се отвора и за нови даватели, кои ќе понудат нови, а се очекува и поиновативни услуги, кои во иднина ќе влијаат на конкурентноста и трошоците, соодветно очекувањата се дека и овој сегмент на пазарот ќе даде свој придонес – велат од НБСРМ.