Денеска и во петок, 14 август, ќе се одржи августовскиот рок за екстерните испити од државната матура за кандидатите кои во јуни не ја положиле матурата или не ги положиле сите предвидени испити. Полагањето ќе започнува во 9 часот.
Според податоците на Државниот испитен центар, за августовската сесија се пријавени 1.328 кандидати за државна матура, 126 за државна стручна матура и шест за државна уметничка матура.
Денеска кандидатите ќе го полагаат изборниот екстерен испит – математика или англиски јазик. За германски, француски, италијански и руски јазик, кои ги полагаат само гимназијалците, во август нема пријавени кандидати. Нема пријавени ниту за историја, предмет предвиден за уметничка матура.
Во петок, 14 август, ќе се полага задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература.
Поради значително помалиот број кандидати во однос на јунската сесија, августовското полагање ќе се организира во четири града, на вкупно осум локации. Во Скопје испитите повторно ќе се одржуваат на Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет, а полагање ќе има и на факултети во Тетово, Прилеп и Штип.
Од средните училишта, само спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје ќе биде испитна локација, каде што ќе полагаат ученици од повеќе училишта. Државниот испитен центар објави список со распоредот на кандидатите и локациите за полагање.
Меѓу кандидатите во август се и 226 матуранти на кои им бил поништен испитот во јунската сесија. Дел од нив биле фатени во препишување за време на испитот, додека кај други било утврдено дека препишувале по прегледувањето на тестовите.
Во јунската сесија од учебната 2025/2026 година биле пријавени вкупно 14.587 ученици – 12.184 за државна матура, 2.276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура. Од пријавените, 348 кандидати, односно 2,39 проценти, не се појавиле на испитите.
Просечната оценка од трите типа матура во јуни изнесува 3,66. Кај државната матура просекот е 3,62, кај стручната 3,91, а кај уметничката 3,59.
Од Државниот испитен центар информираат дека по објавувањето на резултатите биле поднесени 805 приговори, што претставува 2,86 проценти од вкупниот број матуранти кои полагале. Прифатени биле 0,95 проценти од поднесените приговори, додека увид во тестовите извршиле 133 ученици.
Оваа година првпат се спроведува новиот концепт на матура со три типа испити – државна, државна стручна и државна уметничка матура. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, просечниот успех од 3,66 е близок до минатогодишниот просек од 3,69, а значително повисок од 2024 година, кога изнесувал 3,26.
































