Фото: Маја Јаневска-Илиева

Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со сослушување на поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи го праша поранешниот министер Филипче дали директорот на Клиниката Нино Васев работел етички, на што Филипче одговори дека се работи за врвен професионалец кој помагал секому, а доколку некој се сомнева дека тој сторил кривично дело, тоа може да се истражи.

Покрај Филипче, денеска пред членовите на Комисијата треба да биде сослушан и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити.

Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот министер за здравство Беким Сали.

За овој случај, Јавното обвинителство води истрага, а групи пациенти и членови на семејствата на починати од рак протестираат барајќи одговорност.