Фото: Фејсбук/Стојанче Ангелов

По најавата на техничкиот премиер Талат Џафери за средба со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за кого рече дека ќе го разреши доколку ја почнал постапката за излегување од коалиција со СДСМ, на Фејсбук се огласи Ангелов.
-Мојата средба со Џафери на оваа тема е излишна – му порача тој на премиерот.

-Командант од УЧК ќе разрешува генерал на безбедносните сили (насловот е позајмен од веста објавена на порталот на Радио Лидер). Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада. Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување – пишува Ангелов во својата објава на Фејсбук.

Тој додава дека за својата одлука да ја напушти коалицијата со СДСМ, навремено го известил најпрво генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

-Двајцата се изразија позитивно за мојата професионалност како директор на ЦУК и сугерираа дека во овој чувствителен период за државата треба да останам на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција. Нивниот коректен став го објавив јавно пред неколку дена на прес-конференцијата на која ја известивме јавноста дека излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ. Оттука сметам дека мојата средба со премиерот Талат Џафери, со кого од поодамна имам коректна комуникација, барем на оваа тема е излишна бидејќи, повторувам, Достоинство јавно објави дека излегува од коалицијата предводена од СДСМ -посочува Ангелов.

Тој пишува дека како директор на ЦУК негов приоритет секогаш била, е и ќе биде, безбедноста на граѓаните поради што максимално посветено и професионално ја извршува оваа одговорна функција.

-Доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Талат Џафери и смета дека треба да бидам разрешен, јас без противење ќе ја прифатам нејзината одлука – вели директорот на ЦУК.