Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека добил негативно мислење бараките во кои се сместени вработени на Бирото за развој на образование да бидат отстапени на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) чие раководство и студенти бараат соодветен простор за работа.

-Јас овие информации ги имам доставено до ФИНКИ дека моментално треба да се најде решение за Бирото за развој на образование. Тие бараки би биле времено решение за Факултетот – истакна Шаќири одговарајќи на новинарски прашања на интерактивен настан за климатска акција и образование за животната средина во Градскиот парк.

Нагласи и дека барал средства за доизградба на почнатите објекти за ФИНКИ и за Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет.

– Во двата претходни буџета не се обезбедени тие дополнителни средства, но се обезбедени дополнителни средства за ФИНКИ да има повеќе простории во Технолошко-технички факултет, кои се прилагодени и со буџетот на ФИНКИ и со буџетот на МОН – рече Шаќири.

Тој вети решение, посочувајќи дека побарал помош од УКИМ за да го анализираат бројот на студенти во одредени факултети.

– Ако во одреден факултет има слободни простории, треба да најдеме решение во соработка со другите факултети да ги прифатат студентите од ФИНКИ, но исто така повикувам Владата и Министерството за финансии да ја поддржи со буџет изградбата на новиот објект или тој веќе почнат објект на ФИНКИ – нагласи ресорниот министер откако денеска студентите и раководството на ФИНКИ го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа.

Во тек се активности за изнаоѓање привремено решение за да се обезбеди соодветен простор за организирање на наставата на Факулетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), како и реализација на трајното решение –  соопшти попладнево Владата, посочувајќи дека за таа цел, преку Министерството за образование и наука, е во континуирана комуникација со раководството на Факултетот.

-Владата покажа дека е цврсто определена кон изнаоѓање решенија за какви било предизвици низ дијалог со сите засегнати страни и на тој начин е пристапено и кон ова прашање. Краткорочното решение ќе се дефинира на средба помеѓу претставници на Службата за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот за информатички науки и инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, согласно владин заклучок – соопшти владината прес-служба.

Владата ја разгледала Информацијата за обезбедување простор за потребите на ФИНКИ и веќе ја задолжила владината Служба за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот и во конкретен рок од три месеци, да разгледа алтернативни решенија, до реализацијата на трајното решение.

-Воедно, Владата информира дека е одлучна да обезбеди достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата изведувач на градежните работи. Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач, што целосно и во ефикасна процедура ќе го изгради новиот објект на Факулетот – наведува Владата во соопштение.