Фото: „Преспа“/МИА

Претседателот на друштвото „Преспа” Едмонд Темелко информираше дека почнало „обединувањето на Македонците во Албанија”.

– Прогласат на друштвото за семакедонско помирување и обединување, што го објавивме пред десетина дена, денеска го потпиша Никола Ѓурѓај, претседател на  македонското друштво „Илинден” – Тирана. Ова е прв, но многу значаен чекор, кој потврдува дека Македонците се повеќе од свесни дека обединувањето е од суштинско значење. Уште повеќе кога се знае дека друштвото „Илинден” дава голем придонес во заштитата на македонскиот национален идентитет, јазик, култура, традиции – рече за МИА, Едмонд Темелко, прв човек на друштвото „Преспа“.

МД „Илинден” е едно од четирите македонски друштва во Албанија.

Според Темелко,  Ѓурѓај, кој е и главен и одговорен уредник на весникот „Илинден”, на друштвото „Преспа” му донирал примероци од изданијата на весникот.

Потсетува дека прогласат го упатиле „соочени со агресијата на бугарскaтa асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“.

– Да повторам дека со прогласот повикуваме на семакедонско помирување и обединување за одбрана на идентитетот на македонскиот народ – името, јазикот, културата, историјата и територијата, затоа што обединети и единствени сме посилни од сечија агресија и обиди за денационализација и асимилација – вели Темелко.

Посочува дека меѓу другото се бара одржување вонреден изборен конгрес на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ,  за сите органи на сите нивоа, заради кадровска консолидација и единство.

Исто така, се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија“.