Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сериозноста на проблемот со шверцувањето мигранти упатените ја потврдуваат и со фактот што шверцерите се активни на терен, иако нашите граници истовремено ги обезбедуваат војниците на АРМ, припадниците на македонското МВР и полицајците од европската агенција за гранична и крајбрежна контрола „Фронтекс“.

Кумановско Лојане, областа во близината на Богородица на границата кон Грција, како и тетовското село Јажинце, во близината на границата со Косово, се неколкуте критични точки низ кои изминатиов период функционира шверцот на мигранти. Ова произлегува од сознанијата на тие што ги следат трендовите во шверцот на мигранти во земјава, но и од документи на релевантни меѓународни фактори, кои ја обработуваат темата.

Во меѓувреме, државните органи речиси секојдневно известуваат за фатени мигранти или, пак, за луѓе што се обидуваат на нелегален начин да ги префрлат од едната на другата страна на границата. Последниот случај со добро организирана група од Македонија и од Грција, која шверцувала мигранти од земјите од Блискиот Исток, е само еден во низата за кои надлежните органи речиси секојдневно информираат по официјалното затворање на балканската мигрантска маршрута во март 2016 година.
Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“, која им помага на мигрантите и на бегалците што се затекнати во државата, вели дека полицијата и невладините организации мака мачат на терен во борбата за сузбивање на овој криминален бизнис, кој заживеал во 2016 година и активно функционира до ден-денешен.

– Криминалците и шверцерите секогаш ќе шверцуваат луѓе бидејќи овој бизнис е многу профитабилен. Полицијата заедно со невладиниот сектор е присутна на терен во справување со оваа појава, но таа тешко може да се искорени – вели Реџепи.
Тој објаснува дека криминалот со шверц на луѓе во моментов цвета, бидејќи освен бегалците што потекнуваат од Ирак и од Сирија, во земјава нелегално се обидуваат да минат и луѓе од африканските земји, од Азија па дури и од Латинска Америка. Според Реџепи, криминалците и шверцерите го злоупотребуваат очајот на луѓето што бегаат од воените жаришта, но и од сиромашните делови на светот и профитираат многу од нивното шверцување обезбедувајќи им премин до соседна Србија и Косово.

Тој објаснува дека овој шверц на луѓе се врши на разни начини, некогаш шверцерите луѓето ги пренесуваат со брзи автомобили, некогаш со џипови, а некогаш и со возови.
За тоа, како што објаснува, често се користат граничните премини на кои полицијата поретко патролира или тешко проодните илегални премини, па оттаму потоа преку регионалните патишта ги носат до пограничните села на север од земјата, од каде што се пуштаат тие да заминат најчесто кон Србија. Тоа го прават, условно речено, „чесните шверцери“, додека „нечесните“ само им ги земаат парите и лажејќи ги дека ја преминале границата, ги пуштаат да излезат од возилата во некое ненаселено место.
– Во периодов морам да констатирам дека многу е активна и полицијата, која често знае да ги уапси шверцерите, но се добива впечаток дека се апсат само извршителите, а ретко одговараат организаторите на овој шверц со луѓе – вели Реџепи.
Според него, во земјава има дури и примери каде што мигрантите и бегалците се држат во одредени села спротивно од нивната волја, додека нивните семејства не го платат откупот.

Шверцот на мигранти низ Македонија беше предмет на опсервација и во извештајот насловен „Глобална иницијатива против организираниот криминал“, во кој, меѓу другото, стои дека жариштата на организираниот криминал од овој тип во нашата земја се лоцирани во делот на граничните премини на македонска територија во близината на Богородица, на границата кон Грција, и на Јажинце, во близината на Тетово кон границата со Косово.
Сериозноста на овој проблем ја потврдува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски и тоа со фактот што шверцерите на луѓе се активни на терен, иако нашите граници истовремено се обезбедуваат од војници на АРМ, припадници на македонското МВР и полицајци од европската агенција за гранична и крајбрежна контрола „Фронтекс“.

Тој, сепак, има надеж дека државата ќе се справи со оваа појава, а како доказ на оваа негова констатација ги истакнува неколкуте случаи во кои, во изминатиов период, се уапсени дури и припадници на полицијата и на царината.
За потсетување, последните полициски статистики на оваа тема говорат дека во периодот од јануари до јуни 2019 годинава, биле спречени 10.017 обиди за илегални преминувања на границата и биле откриени 33 случаи на шверцување мигранти. Според МВР, за сите овие случаи, во кои биле шверцувани 492 мигранти, се поднесени 24 кривични пријави против 44 сторители.

[email protected]