Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев оствари работна посета на одделенијата за внатрешни работи во Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Свети Николе.

Во рамки на посетата министерот Чулев оствари работни состаноци со раководствата на четирите одделенија. Обезбедување на парламентарните избори, справувањето со пандемијата од ковид-19 и борбата против сите форми на криминал беа темите за кои се дискутираше на овие работни средби.

Од страна на раководствата на четирите полициски одделенија Чулев беше информиран дека изминатите неколку изборни циклуси се одржани во мирна атмосфера без позначителни и посериозно инциденти. Од нивна страна беше истакнато дека веќе се подготвени оперативните планови со кои ќе се покриваат изборите. Министерот Чулев апелираше до сите полициските службеници да постапуваат максимално професионално и одговорно.

– Во поглед на европската интеграција на нашата држава, парламентарните избори се важен показател за правецот во кој ќе се движи нашата држава – потенцираше Чулев. Во таа насока Чулев нагласи дека неопходно е истите да бидат организирани на највисоко ниво и во согласност на законите.

Тој истакна дека постапувањето на полициските службеници, согласно со законите и согласно интерните акти на Министерството за внатрешни работи ќе гарантира фер, мирни и демократски избори, а тоа ќе биде причина граѓаните да излезат и да го исполнат своето избирачко право.

Секој полициски службеник мора да биде на висина на задачата и да постапува професионално, впрочем како што тоа го прават полициските службеници во изминатиот период. Во изминатите неколку месеци во Министерството за внатрешни работи имав можност да се сретнам и да соработувам со исклучителни професионални и чесни луѓе и верувам дека тие ќе направат се овие избори да поминат во најдобар ред, онака како што граѓаните заслужуваат, заклучи Чулев.