Фото: Игор Бансколиев

За учебниците за кои добивме забелешки за грешки беше спроведен процес на корекција и повторно печатење во 2018 година, но меѓу нив не беше и учебникот што денес е предмет на повеќе медиумски текстови, односно за него не беа доставени забелешки, велат од Министерството за образование и наука

Бирото за развој на образованието (БРО) неодамна доставило забелешки за учебникот по социологија за втора година, за кој вчера објавивме дека содржи спорни тези. Одговорните во Бирото ги доставиле забелешките по барање на Министерството за образование и наука (МОН) за проверка на содржината на учебниците, за истата таа да се осовремени, со акцент на учебниците во гимназиското образование, со оглед на тоа дека се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година.
Во Министерството за образование информираат дека планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците го содржи и овој учебник, односно до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената и по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата.

– МОН секогаш има потреба од поддршка и помош во процесот на унапредување на содржината на учебниците, и тоа најмногу од оние што секојдневно ги применуваат, наставниците и самите ученици. Во таа насока, уште во 2017 година Министерството за образование и наука, односно Педагошката служба спроведе анкета помеѓу наставниците во основните и средните училишта за да достават сугестии, да укажат на забелешки од сите можни аспекти во врска со содржината на учебниците што се одобрени и се применуваат во наставата, заради пристапување кон нивна корекција и ажурирање. За учебниците за кои добивме забелешки за грешки беше спроведен процес на корекција и повторно печатење во 2018 година, но меѓу нив не беше и учебникот што денес е предмет на повеќе медиумски текстови, односно за него не беа доставени забелешки – велат во Министерството.

Во меѓувреме дел од содржина во учебникот по социологија за втора година гимназија не престанува да предизвикува реакции во јавноста. Се работи за делот во кој се вели: „Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност, особено кај некои видови кривични дела“, како што пишува во учебникот.

Спорните тези беа изложени на силни критики во јавноста и на социјалните мрежи. Реакциите одат дотаму што некои од критичарите на споменатите тези го поставија и прашањето дали „сите жени треба да бидат затворени дома, бидејќи на тој начин помалку ќе прават криминал?!“

На истата страница во истиот учебник пишува и дека прељубата е кривично дело. Реченицата гласи: „Жените во помал обем го извршуваат кривичното дело прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби, кривоклетство“.

Очекувано, спорните тези се предмет на критичка опсервација и подлабока анализа, бидејќи токму таквите ставови, изнесени како факти во учебно помагало, имаат многу длабоки референции нe само во самиот образовен процес кај децата и младите, или пак во севкупниот систем на образованието кај нас, туку и во создавањето критериуми кај младата популација за нивната социолошка матрица на однесување, работење и понатамошниот развој на личноста.