Основниот граѓански суд 2 во Скопје пресуди дека Министерството за здравство извршило дискриминација врз малолетни Роми кои имаат проблеми со зависност од дроги, со тоа што не им обезбедило третман или рехабилитација, информира Европскиот центар за првата на Ромите (ЕЦПР).

Министерството добило наредба да усвои конкретна програма за третман на деца корисници на дроги во рок од три месеци по донесувањето на пресудата во судската постапка покрената од страна на Европскиот центар за првата на Ромите (ЕЦПР), во име на ромски деца на кои им било негирано правото на еднаков пристап до здравствена заштита.

– Недостиг на третман за малолетници е проблем што се провлекува со години, а како резултат на тоа се губат животи на млади Роми – вели Сенада Сали, менаџер за правни работи во ЕЦПР.

Од ЕЦПР наведуваат дека Судот пресудил дека во Македонија на децата кои имаат проблеми со зависност од дроги им е прекршено правото на еднаквост врз основа на нивната возраст и врз основа на нивниот статус како маргинализирана група на деца корисници на дроги. Судот потврдил и дека ромските деца кои имаат проблеми со зависност од дроги се дополнително индиректно дискриминирани врз основа на нивната етничка припадност и преголемата застапеност меѓу децата корисници на дроги.

Тужбата беше поднесена од страна на ЕЦПР во април 2020 година.

– Побарав детето да биде хоспитализирано на психијатрија, но не прифатија бидејќи тој е многу млад. Ми рекоа, не можеме ништо да направиме, тој дува лепак, треба да наполни 13 години за да може да го ставиме во затвор. А јас им реков дека тој може да умре пред да наполни 13 години… – сведочи една мајка.

Според НВО ХОПС, дури 40 отсто од корисниците на нивниот центар се од ромска националност. Меѓу малолетните Роми, хероинот е предоминантна дрога што се користи, велат од оваа невладина организација.