фото: Твитер

Протестите на угостителите и организаторите на свадби денеска кулминираа со импровизирана свада на улицата пред Владата.
Наместена бина со музички инструменти, келнери, свечени свадбени маси и голем број луѓе, кои наликуваа на гости. Организаторите за свадби протестираа пред Владата и бараат да им се дозволи да почнат да работат под строги протоколи. Од владината зграда излезе вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи со кого угостителите ги започнаа преговорите.

Угостителите му се пожалија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на останатите ресторани.

Битиќи, пак, преку својата лична борба со ковид-19 им го посочи ризикот од олабавување на мерките.
Од Иницијативниот одбор на протестите на крајот оценија дека средбата поминала добро, и се договориле за повторна средба заедно со Државниот пазарен инспекторат, за да го разгледаат протоколот за да можат и тие да почнат со работа.

Нивните предлози се, прославите да бидат организирани со 40 до 50 лица, во зависност од тоа кој каков капацитет има во локалот, согласно протоколите, а во првите два месеци ќе работат без музика.

Тие изминативе денови организираа два протести.