Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, испрати видеопорака по повод 7 мај, Денот на македонската полиција.

Во пораката тој вели дека пред две години неговата цел како министер била да го врати угледот на министерството и да им овозможи на вработените чесно и одговорно да ги извршуваат своите работни задачи, а сега е горд што тука работат професионалци, кои, како што вели, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот и се грижат за јавниот ред и мир и секојдневните потреби на граѓаните.

– Во декември 2018 година беа исплатни покачени плати за 4.900 полициски службеници, за кои на годишно ниво одвоивме 79 милиони денари. И во периодот пред нас продолжуваме со подобрување на условите за работа, продолжуваме со реновирањето на полициските станици. Набавката на униформи да стане редовна активност, а не исклучок. Специјализираните оддели да бидат опременувани со модерна опрема со која ќе можат подобро да ги извршуваат своите работни задачи. Да не заборавиме, наш партнер се и граѓаните. Сакаме да бидеме близу до нив, да превенираме и да ја зголемиме безбедноста на граѓаните и затоа ја воведовме позорникарската служба. Полицајците позорникари ја зголемуваат безбедноста во населените места, ја зајакнуваат борбата против криминалните појави, а со ова ја зголемуваме и довербата во полицијата. Во следниов период ќе работиме и на системско решавање на функционалните проблеми и ќе го зајакнеме институционалниот и административен капацитет на министерството. И во иднина, мој и на сите нас приоритет останува да ни биде заштитата на безбедноста и сигурноста на нашата држава и нашите граѓаните – изјави Спасовски.

Тој предложи да продолжиме по чесниот пат, затоа што тој е вистинскиот пат.

– Почитувани колеги, ви го честитам Денот на македонската полиција, вие сте столбот на мирно и демократско општество – вели Спасовски во пораката.