Илустрација / Фото: Архива

Од шести април до вчера во државава се регистрирани 126 нови случаи на мали сипаници, се наведува во извештајот што на својата веб-страница го објави Институтот за јавно здравје.

Од вкупниот број новозаболени лица, 57 случаи се од Скопје, а 70 отсто од нив се нецелосно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од другите 69 заболени, 22 се од Куманово, 15 од Кичево, 12 од Струга, 10 од Тетово, по три од Велес и Прилеп, а по еден има од Гостивар, Крива Паланка, Струмица и во Охрид.
Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември 2018 година заклучно со 12 април се регистрирани 961 случај на мали сипаници, од нив 682 се епидемиолошки поврзани и пријавени во Скопје.

Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во шест здравствени региони и тоа во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и во Струга.
Најголем број од случаите се од возрасната група над 30 години, 412 или 42,9 отсто од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај возрасната група до четири години со 34,4 отсто од вкупниот број заболени.

Од вкупно 166 заболени деца на возраст од една до четири години, 150 или 90,4 отсто се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 545 заболени кај лицата над 20-годишна возраст, 67,5 отсто (368) се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број вакцинирани на возраст до 14 години, кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.919. Во другиот дел од државава, од почетокот на епидемијата, вкупниот број вакцинирани на возраст до 14 години со прва или втора доза, изнесува 7.542. Вкупниот број вакцинирани на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во државава изнесува 19.461. П.Р.