Денеска, во Центарот за обука во Идризово од страна на амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнз, официјално на заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, му беше предадена на користење донација во најсовремена материјално-техничка опрема, вредна околу 226.000 долари, наменета за повеќе организациски единици на Министерството.

На примопредавањето на донацијата му претходеше парафирање договор за донација меѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и претставникот на Програмата за борба против тероризмот на Бирото за дипломатска безбедност на американскиот Стејт департмент, Хит Вард.

Како што истакна заменик-министерот Нухиу, оваа денешна донација е уште еден доказ за силното и континуирано партнерство што нашата држава го има со Соединетите Американски Држави.

– Американската влада, само преку АТА – Програмата за борба против тероризмот, од 1996 година па наваму ни обезбеди обуки на 600 припадници на нашата полиција и со разни форми на помош и поддршка инвестирала над 9,5 милиони долари во професионалното осовременување и надградба на полициските служби при МВР. Како на респектабилен податок укажува не само на цврстината на поддршката што ја имаме туку и на решеноста заеднички да продолжиме на патот на квалитетно и ефикасно реформирање на нашиот безбедносен сектор – потенцира заменик-министерот Нухиу.

Оваа донација е наменета за потребите на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, потоа Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, Центарот за обука, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, како и Секторот за откривање и демонтирање експлозивни средства и направи и претставува значаен придонес во зајакнувањето и унапредувањето на капацитетите на полицијата во справувањето со криминалот, особено во делот од борбата против глобалното зло – тероризмот.