Денес, повеќе од 1.000 граѓани учествуваа на протестот организиран од граѓанското движење – АВАЈА поради убиството на младиот Ром, Станислав Томаш од Теплице кој беше убиен брутално од страна на полициски службеници.

Протестот започна од пред основното училиште „Koчо Рацин“ на улицата Мајка Тереза (Водњанска) и продолжи пред Чешката амбасада.

Чешките власти предводени од премиерот, Андреј Бабиш, претседателот, Милош Земан и министерот за внатрешни работи, Јан Хамашек не ја осудија полициската бруталност од полициските припадници, туку напротив се заблагодарија за нивната реакција и дадоа поддршка на полицијата од Теплице. Ова е последен случај на полициската бруталност со кој Ромите низ Европа се соочуваат. Во полициска бруталност во септември 2020 во Битола беа претепани тројца Роми за кои се уште нема судска разрешница.

Чешките власти се обидуваат да го оправдаат инцидентот како употреба на легитимна сила, тврдејќи дека Станислав Томаш бил под дејство на зависни супстанции. Од видеото што кружи на социјалните мрежи се гледа како полицаецот клечи околу 5 минути на вратот на Станислав, а потоа сфаќа дека повеќе не се помрднува по што повикуваат амбулантно возило.

Селвије Мустафи од транснационалното движење на Ромите во кое АВАЈА е дел, истакна, “резултатот на целиот овој системски расизам доведе до смрт на младиот Ром во Теплице. Во Чешка властите негираа дека постапката на полицијата била полициска бруталност и во истовреме им честитаат на полицијата за ваквиот акт! Премногу е!!”

Полициската бруталност кон Ромите е највидливиот начин на функционирање на системскиот расизам во Европа. Таа се заснова на неограничената сила на полицајците кои гледаат и третираат секое ромско лице како криминалец.

Салија Бекир, тим лидерка на АВАЈА, истакна, “свежи ни се сеќавањата за полициската бруталност врз Ромите во Битола кој што е во судски процес! Свежи ни се сеќавањата за присилните евикции на ромските населби, свежи ни се сеќавањата на смртта на Роми во затворите под сомнителни околности! Свежи ни се сеќавањата на секојдневната дискриминација врз Ромите од страна на поединци и институции, како што е малтретирањето на детето од Кочани!”

Активистите на АВАЈА сметаат дека сега е моментот сите да покажеме солидарност како што тоа го сторивме во случајот со Џорџ Флојд и движењето Black Lives Matter. АВАЈА ги повикува сите активисти, граѓански организации и граѓани да покажат храброст и да кажат НЕ на полициската бруталност. Не треба да се чувствуваме небезбедни во сопствените заедници или загрозени од органите на прогонот заради бојата на кожата, предрасудите, стереотипите и расизмот.

Од граѓанското движење – АВАЈА на протестот побараа од чешките власти:

1. Независна истрага со што ќе истражува случајот на полициска бруталност во кој беше убиен Станислав Томаш

2. Креирање на независна комисија што ќе ги разоткрива прекршувањата на полициските правила и практика во ромските заедници.