Управата за водење матични книги, која од 2010 година е самостојна институција, од МВР наследила евиденција полна со грешки, објаснува нејзиниот прв човек Јетмир Фета, откако граѓаните масовно реагираа поради неточни податоци во изводите од матичните книги

Доколку имате потреба да извадите извод или каков било друг документ од Управата за водење матични книги, задолжително проверете ги податоците што се напишани во документот, затоа што доста често се случува податоците да се згрешени. Доколку не го сторите тоа на самото место и во моментот кога го земате документот, потоа ве очекува повторно истата процедура, односно, поднесување, па повторно чекање на шалтерите на Управата за водење матични книги.
Граѓаните револтирано велат дека премногу грешки се случуваат при издавањето на документите.

– Со сопругот бевме да си го земеме изводот од матичната книга на родени. Среќа што кога го подигнав, застанав на страна од шалтерот да ги погледнам податоците. Моминското презиме кај мојата мајка беше целосно сменето, додека кај изводот на мојот сопруг, моминското презиме на мајката воопшто не беше ниту напишано. Бидејќи и претходно имаме вадено изводи од управата, знам дека досега не се случиле вакви грешки, па кај вработената реагирав дека изводите не се точни, на што таа дрско ми одговори дека така е запишано во книгите. Се обидов да ѝ објаснам дека не е можно, затоа што пред шест месеци извадените изводи од истото место, беа со точни податоци. Кога виде дека не може со мене да се докажува и да ме убедува дека немам право, ги зеде изводите и отиде да ги провери. Во истиот момент, вработената им даваше изводи и на други лица, кои исто така реагираа дека податоците се погрешни. Целата процедура траеше околу половина час, а граѓани доаѓаа, за да подигнат или да поднесат за документи, со што редицата се зголемуваше. Се изгуби драгоцено време непотребно, наместо навремено да ги проверуваат документите – вели Лилјана Стојановска, која со сопругот неодамна била да ги подигне изводите.
Таа истакнува дека вработените ја убедувале дека не е нивна грешката и оти така било запишано во книгата.

– Морав да ги убедувам дека немаат право. Дури кога извадив стар извод и кога видоа дека претходниот е со точни податоци, мораа да го коригираат и да не се противат, инаку бев готова да не заминам оттаму додека не добијам точен документ. Ова на ништо не личи, ајде еден да е погрешен, но во истиот момент неколку лица се пожалија на грешни документи. Која е целта на вработените таму, ако не внимаваат додека го извршуваат единственото задолжените за кое добиваат плата и тоа токму од нас? – револтирано прашува Стојановска.

Раководителот на Управата за водење на матичните книги, Јетмир Фета, вели дека тие како институција се водат самостојно од 2010 година, додека претходно институцијата била под Министерството за внатрешни работи и изводите биле внесувани системски без увид во матичните книги на родени.

– Сега се водиме исклучиво само по податоците внесени во книгите, кои се темелот на секој граѓанин во оваа држава и изводот е онаков каков што стои во преписката, а не онаков каков што би сакал граѓанинот. Поточно, од 2010 година па до ден-денес се среќаваме со повеќе проблеми и ние како институција, бидејќи граѓаните, претходно зеле изводи со едни податоци, кои биле внесени во системот на МВР додека сега во книгите што сме ги наследиле од нив стојат точните податоци од денот на раѓањето на секоја индивидуа и со самото ова доаѓа до несогласување помеѓу нас како институција и МВР – вели Фета.

Тој додава дека грешката е во уписот во книгата на родените.

– Ние како институција правиме исправка врз основа на досието (темелот) на секој граѓанин со тоа што имаме пристап само на досие од 1974-та па до ден-денес. Должност на секое лице при земањето на изводот е да ја провери точноста на личните податоци и во самиот момент да се реагира и да се одлучи дали грешката е техничка или е потребно да се направи исправка – вели тој.

Фета додава и дека е свесен за поплаките од граѓаните и вели дека дава сѐ од себе да му излезе во пресрет на секој граѓанин.