Министерот за правда, Бојан Маричиќ, при посета на Казнено-поправниот дом – Штип, се сретна со директорот на затворот, Мики Тодоров, со кој разговараше за состојбата во затворот со фокус на ресоцијализацијата на осудените лица и состојбата со коронавирусот.

– Штипјани треба да се гордеат што токму овој затвор е прв во Југоисточна Европа во кој осудениците може да поминат време со своите деца во детско катче, во нормални и здрави услови за децата. Ова катче е направено од младите штипјани од локалното средно училиште и студентите од Ликовната академија во Штип, што претставува пример како локалната заедница се вклучува во рехабилитацијата на осудените лица – изјави Маричиќ.

Министерот истакна дека затворот нуди можност осудениците додека ја издржуваат казната да посетуваат настава и стручно да се оспособат како идни готвачи и заварувачи.

– На овој начин им се помага на осудените лица да стекнат вештини кои ќе им овозможат да најдат работа по издржувањето на казната и успешно да се ресоцијализираат – додаде Маричиќ.

Директорот на затворот Штип, Мики Тодоров, го информираше министерот за правда во врска со состојбата со коронавирусот во установата и кажа дека се постапува според протоколите и во овој затвор нема осуденици кои се заразени со ковид-19.