Лидерите на најголемите политички партии денеска попладне во вила Водно ќе имаат лидерска средба, на која повика претседателот Стево Пендаровски откако земјата не доби датум за започнување преговори со ЕУ. Како што најави и премиерот Зоран Заев, во фокусот на лидерската средба ќе биде организирање на предвремени избори.

Пендаровски рече дека добил позитивен одговор од лидерите за средбата, која е најавен за 17 часот.

Премиерот Заев рече дека со недобивањето дамут, ЕУ направила историска грешка, поради што бара брзи предвремени избори на кои, како што рече, граѓаните ќе одлучат по која пат да одиме.

– Одговорно се исправам пред вашата одлука, сега е потребен вашиот став, немаме време за губење. Предлагам организирање предвремени избори, најбрзо што може, избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја – порача Заев во своето обраќање до граѓаните.

Во врска со шпекулациите кои се појавија во медиумите дека Заев ќе даде оставка, тој кажа дека ги разгледал сите опции.

– Сите опции беа во мојата глава, јас го почувствував гневот кај нашиот народ. Но реков јас немам право да се откажам да се борам, јас ја сакам својата земја и својот народ и тој ќе одлучи сега дали ќе продолжиме по тој пат. Не сме сјајни, имаме грешки, но нема друг пат. Сè друго е крив пат, сè друго е нешто во кое 27 години се вртевме – рече Заев.