Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати на работниот состанок на Амбасадорскиот совет, што во организација на МНР се одржува во Клубот на пратениците во Скопје.

На состанокот на тема, „ЕУ перспективата на Република Северна Македонија во пресрет на Советот на ЕУ во октомври“, премиерот пред присутните амбасадори и дипломати изрази очекување дека ЕУ ќе ги вреднува постигнатите резултати на земјава, на внатрешен и надворешен план.

– Шансите да ја добиеме долго очекуваната позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ се реални, а тоа ќе биде силна мотивација за граѓаните, институциите и за државата да продолжат да чекорат напред кон современиот свет – порача Заев додавајќи дека бенефитите за граѓаните од интеграцискиот процес со НАТО и придвижувањата во европските интеграции веќе се чувствуваат.

Тој нагласи дека владата ги создадала сите услови за функционирање на правната држава и изрази очекување за ефикасна правосудна разврска на сите случаи поврзани со сомневања за корупција, вклучително и на случајот „Рекет“.

– Исто така очекувам со двотретинско мнозинство да биде изгласан и Законот за јавно обвинителство, за што се водат посветени разговори со опозицијата, да се обезбеди потребниот консензус. Затоа апелирам за внимателност, стручност и посветеност во една од најважните години за перспективите на Република Северна Македонија – рече премиерот.

На состанокот се обратија и вицепремиерот Османи и домаќинот, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочувајќи на одлуката за почеток на пристапните преговори на нашата држава со ЕУ, како клучен приоритет во евроинтеграцискиот процес.