Премиерот Зоран Заев, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, албанскиот премиер Еди Рама, како и комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Оливер Вархељи, на петтиот виртуелен „Тесалоники самит 2020“ упатија пораки за добрососедство, афирмација и негување на европските вредности.

Премиерот Заев на панел-сесијата посветена на „ЕУ-перспективата на Западен Балкан“ во видеопораката истакна дека Владата силно се залага да гради цврсти релации со соседите со земјите од Западен Балкан и Европа.

– Сето тоа го демонстрираме и на дело делејќи ги европските вредности преку имплементацијата на структурните економски реформи засновани на демократските принципи, владеење на правото и борбата против корупција во насока на градење просперитетно општество. Заедничката посветена и силна соработка на сите нивоа во овие моменти е неопходна, особено кога проблемите на секоја нација се веќе глобални проблеми – рече Заев.

Нашиот сосед Грција, додаде тој, е важен трговски партнер, поточно е во топ-5 најголеми трговски партнери на Северна Македонија, со вкупна трговска размена за периодот јануари – август годинава од 414 милиони евра.

– Како пријателски земји потенцијалите за унапредување на инвестициските активности и економската соработка сметаме дека треба да имаат нагорен тренд – истакна Заев.

Тој рече дека придобивките од договорите за стратешко партнерство треба максимално да ги искористиме, да создаваме амбиент за непречен развој на економијата и за нови и современи бизнис-иницијативи.

Дводневниот „Тесалоники самит 2020“ е под покровителство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, го организира Федерацијата на индустриите на Грција во соработка со „Делфи економскиот форум“ и со поддршка од Enterprise Europe Network Hellas.