Една од бараките во работничката населба во селото Извор е претворена во карантин - Фото: Зоран Антовски

Утре излегуваат од карантин работниците на „Синохидро“, кои на 19 февруари се вратија од родната Кина и кои по проверките направени од нашите здравствени служби, кога беше констатирано дека не се инфицирани со коронавирус, сепак како дополнителна превенција беа ставени во карантин. Тие беа изолирани во работничката населба на „Синохидро“ во селото Извор, каде што немаа директен контакт со преостанатите вработени и каде што храна и други намирници им се доставуваа пред врата.
Пет дена по првата група од карантин треба да излезат и преостанатите работници, кои во карантин се наоѓаат од 20 февруари и кај кои исто така не беше потврден коронавирусот, но повторно од превентивни причини и овие работници беа ставени во 14-дневен карантин.
– И покрај сите превентивни мерки што се преземени за да биде спречена евентуална појава на коронавирусот, сепак ние по малку се чувствуваме некомфорно од нивното присуство во нашата непосредна близина. Ни останува да се надеваме дека работниците од Кина се целосно здрави и дека нема опасност по нашето здравје од нивното блиско присуство – велат нашите работници ангажирани во оваа компанија.
Инаку, неофицијално дознаваме дека и кинеските работници, кои за Кинеската нова година останаа во населбата, не се заинтересирани да одат дома поради епидемијата што владее во нивната земја и во нивната покраина. Иако тоа јавно никој не го потврдил, сепак од разговорот со нив може да се заклучи дека и кај нив преовладува стравот да не бидат заразени од опасниот вирус.
И граѓаните на Кичево, особено вработените во маркетите, коцкарниците и кафеаните по малку стравуваат од повратниците од Кина.
– Не може да ни биде сеедно кога во затворен простор поминуваме по осум часа, а во ваша близина се наоѓаат лица со можна зараза од коронавирус – велат вработени во коцкарници во средиштето на Кичево.
Од РЦУК Кичево се најпријатно изненадени од дисциплината и однесувањето на кинеските работници додека се во карантин.
– Со доаѓањето во земјава, работниците од „Синохидро“ се сместени во една барака во работничката населба во селото Извор, во карантин, без контакт со преостанатите работници, кои тука живеат или работат. Најпофални зборови за нивната дисциплина, бидејќи според надзорните камери што ги мониторираат 24 часа, тие во ниту еден момент не се обидоа да ја напуштат собата за изолација и со својот пример покажаа како треба да се однесуваат сите оние што се наоѓаат во карантин некаде во земјава. Во изминатите денови тие во повеќе наврати беа посетени од страна на епидемиолози, кои ја надгледуваат нивната здравствена состојба – истакнуваат од РЦУК Кичево.