БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ ПРЕДИЗВИК И ЗА БРИСЕЛ

Она во што може да се воочи разлика е дека пораката од ЕУ е поблага во тонот од онаа што беше соопштена од САД. Тоа Брисел го прави во завиена форма поради Унгарија, која е земја-членка на Европската Унија

Една по една стигнуваат прозивките од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ги и ЕУ и САД, за случајот на поранешниот премиер Никола Груевски и неговото бегство во Унгарија. Она што на прв поглед се забележува е тонот во реакциите на Брисел, од кој се добива впечаток како во минатото да беа и погласни и побрзи во однос на редица други и помалку значајни настани од овој. Како бегството на Груевски да го изненади и шокира и Брисел, па им требаше време за координација и реакција.

Доколку деновиве се анализираат пораките што пристигнуваат од ЕУ, може да се заклучи дека тие се пренесуваат со воздржаност, но и со претпазливост, како во Унијата така и до домашната јавност. За разлика од внимателноста и тонот во пораките на Брисел, Вашингтон преку Стејт департментот отворено и прецизно порача дека поранешниот македонски премиер Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да си ја отслужи затворската казна во својата земја. Експертите имаат поделено мислење за ова прашање. Едни велат дека Европа секогаш има двојни критериуми кога се работи за државите што ѝ припаѓаат и кога ги критикува државите аспиранти за членство во ЕУ. Други, пак, велат дека константната политика на Брисел кон земјите што сакаат да влезат во Унијата е иста и непроменета, а тој секогаш е критички настроен во насока на постигнување на стандардите и принципите на заедницата. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека ЕУ во моментов води конфузна политика кон земјава.

– Се чини дека Брисел е збунет од развојот на настаните во Македонија и не знае како да реагира. Макар делумно се свесни дека претераа со мешањето во нашите внатрешни работи и толерирањето незаконски противуставни и слични дејства. Хан на крајно безобразен начин порача да користиме и балкански средства. Од друга страна, за Вашингтон нема дилеми. Нивната главна цел беше Груевски да заврши во затвор, и тоа по многу нешта не го криеја, бидејќи десетина години на беше подготвен да капитулира пред нивните барања да го избришат македонскиот народ. Сѐ заедно е една нова ситуација. Дали Брисел ќе ја преиспитува својата агресивна политика кон Македонија, ќе видиме. Меѓутоа, земјата со многу нешта е доведена во очај, а во тој контекст се гледа и потегот на Груевски – оценува Никовски.

За разлика од него, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека нема никакви разлики во пораките на Брисел и Вашингтон кон земјава кога станува збор за случајот со поранешниот премиер Груевски и неговото бегство во земја-членка на ЕУ и пропустите на правниот систем, како во земјава така и надвор од неа.
– Во основа, пораката од Стејт департментот и ЕУ е иста. Она во што може да се воочи разлика е дека пораката од ЕУ е поблага во тонот на онаа што беше соопштена од САД. Во целост, пораката од меѓународната заедница е да се екстрадира поранешниот премиер Никола Груевски во земјава и ништо повеќе од тоа. Тоа Брисел го прави во завиена форма поради Унгарија, која е земја-членка, но во основата пораката е иста. Убеден сум дека поентата од меѓународната заедница за владеење на правото ќе се засилува во периодот што следува. Тоа е повеќе од јасно. Единствено што можам да прибележам засега е тоа што таа сака да биде претпазлива, но не и двосмислена во однос на повиците за правна одговорност на прекршителите на законите, како во ЕУ така и надвор од неа – наведува Арсовски.
Инаку, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, уште еднаш повтори дека не може да коментира судски процедури што се во тек и дека некои работи не се во надлежност на ЕУ.

– Реагиравме, рековме дека се разбира дека сме свесни за ситуацијата со господинот Груевски. Не коментираме судски процедури во тек, владеењето на правото треба да се почитува и во земјите-членки и во земјите-кандидатки, судските процедури не смеат да се политизираат. Треба да разберете дека ЕУ може да каже и да направи некои работи, но некои се надлежност на земјите-членки, а очекувањата на ЕУ се многу јасни. Очекуваме сите страни да се однесуваат стриктно во согласност со релевантните правила – изјави Коцијанчич.

Се огласи и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Еврокомесарот, првпат по бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, се огласи на Твитер, порачувајќи дека владеењето на правото е еден од основните критериуми за влез во ЕУ.

– Силното владеење на правото е еден од темелните критериуми за влез во ЕУ. По години назадување, Македонија прави добар напредок во оваа област, вклучувајќи го и кривичното право. Сите земји-членки на ЕУ и соседи треба да го поддржат овој процес. Се работи за кредибилитетот на Европа – напиша Хан.